Како што најави градоначалникот Никола Бакрачески, независно за кој дел од градските гробишта станува збор, тие и во иднина тековно ќе се одржуваат.
– Во постојана координација сме со директорот на јавното претпријатие и ги координираме активностите околу средување на состојбите што ги затекнавме не само во делот на христијанските, туку и во делот на муслиманските гробишта, изјави градоначалникот Бакрачески.
ВД директорот на јавното претпријатие „Градски гробишта“, Зоран Симоноски, додава дека по чистењето на депонијата кај муслиманските гробишта, ќе следува и средување на уличките, дозиградба на ивичниците, просторот ќе се оплеменува со садници, а ќе се изградат и најмалку две чешми.
– Најголем дел од отпадот го затекнавме кога дојдов јас на раководната функција. Станува збор за градежен шут и растителен отпад. Собраните количини отпад, во соработка со јавното претпријатие „Охридски комуналец“ ќе се одлага на депонијата Мауцкер , рече ВД директорот Симоноски.
Охридскиот муфтија Африм Џелили изрази задоволство од преземените активности за расчистување на просторот.
– Муслиманскиот дел на гробиштата, наместо да се чисти во изминатиот период, се претвори во депонија. Најдовме заеднички јазик и соработка со градоначалникот.Угледот на еден град зависи од ликот на гробиштата. Тука почиваат луѓе кои постоеле пред нас. Ако ние не мислиме за тоа, нема да мислат и другите за нас, изјави Муфтијата Џелили.
Градоначалникот Бакрачески најави и изградба на капела која ќе ги следи муслиманските обичаи околу погребите.
– Ќе пристапиме кон преговори со муфтивството. Ќе разговараме околу начините за следење на обичаите и традициите, а потоа веднаш, врз база на тоа како се замислува тоа од нивна страна, ќе ги следиме нивните предлози, идеи и начини, како да го реализираме овој проект и потоа ќе пристапиме кон спроведување на законските процедури за спроведување на постапката за градење на ваквата капела, рече градоначалникот Бакрачески.