Голманот на германската фудбалска репрезентација и на минхенски Баерн, Мануел Ноер, неговиот клупски колега и холандски репрезентативец Арјен Робен и напаѓачот на Реал Мадрид, Португалецот Кристијано Роналдо, се кандидати за наградата најдобар фудбалер во сезоната 2013/2014 којашто ја доделува Европската фудбалска федерација – УЕФА.

 

Во конкуренцијата за наградата беа досега десет фудбалери, а УЕФА по гласањето на новинарите од 54 земји членки на европската фудбалска асоцијација го објави скусениот список на кандидатите. Од претходно селектирање на претендентите отпаднаа натурализираниот Шпанец Диего Коста (Атлетико Мадрид кој во меѓувреме мина во лондонски Челзи), Аргентинците Анхел Ди Марија (Реал Мадрид) и Лионел Меси (Барселона), Колумбиецот Хамес Родригез (од Монако мина во Реал Мадрид), Германците Филип Лам и Томас Милер (и двајцата од Баерн Минхен) и Уругваецот Луис Суарез (од Ливерпул мина во Барселона).

Ноер минатата мината сезона во дресот на Баерн стигна до полуфиналето во Лигата на шампионите, но ги освои германското првенство и националниот куп, како и европскиот Суперкуп. Врв на сезоната за Ноер беше освојувањето на светската титула на мундијалот во Бразил каде беше прогласен и за најдобар голман на шампионатот.

Робен, како и Ноер, изминатата сезона стигна до четири клупски трофеи со Баерн, додека во дресот на Холандија на светското првенство стигна до третото место. Роналдо минатата година беше најдобриот играч на Реал Мадрид кој дојде до десеттата титула европски првак во историјата, а беше и најдобриот стрелец на Лигата на шампионите со 16 постигнати голови, а го освои и шпанскиот национален Куп на кралот.

Официјалната свеченост ќе се одржи на 28-ми август во Монте Карло, кога ќе стане познат четвртиот добитник на оваа релативно нова награда. Претходно освојувачи беа Френк Рибери (2012/2013), Андреас Иниеста (2011/2012) и Лионел Месси (2010/2011).

“макфакс“