Охрид летово пулсира во ритамот на културата. Деновиве во спомен куќата на великанот и револуциуонер Христо Узунов, се одржа книжевен портрет на Зоран Пејковски и промоција на книгата „Се умира ли од премногу сакање?!“ посветена на великанот Петре М. Андреески.
Беседник и промотор беше проф. д-р Кристина Николовска, а настанот го модерираше м-р Ивана Рилкова.
Повод за пишувањето на книгата „Се умира ли од премногу сакање?!“ е 90-годишнината од раѓањето на големиот македонски писател, поет, раскажувач и драмски автор.
Додека ја пишував книгата јас буквално разговарав со Петрета. Тој ме водеше низ пишувањето, како да беше со мене, истакна на промоцијата авторот Зоран Пејковски.
Петре М. Андреески (1934 – 2006) се вбројува меѓу најдаровитите, а воедно и најпопуларните македонски поети и раскажувачи. Неговите приказни се честопати необични и чудно испреплетени, но во особеноста на својата упатеност кон читателот, раскрилуваат еден познат и близок свет, што го препознаваме како ехо на дамнешни, напати, темни кажувања.
Зоран Пејковски е македонски драмски писател, драматург, поет, сценарист, прозаист, публицист, театролог и единствен натуралист во македонската литература. Тој е доктор по Културолошки студии на Институтот за македонска литература при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“-Скопје и доцент од областа драматургијата. Автор е на 23 драмски дела, 21 збирки песни, како и на сценско-драмски рецитали, научно-истражувачки книги од театрологијата, публицистички книги, на литературна критика, и рецензии за книжевни и театарски изведби. Неговите книжевни дела се преведени и препеани на повеќе странски јазици, англиски, француски, романски, полски, украински, бугарски, српски, хрватски, црногорски, грчки, итн. Работи и како драматург во Народниот театар од Охрид.
Настанот кој е поддржан од Општина Охрид, беше збогатен со пригодна музичка програма.
Г.М.