Црвен Крст Охрид во соработка со охридската гимназија „Св. Климент Охридски“ и јавните претпријатија „Охридски Комуналец“, „Нискоградба“, МЈП Проаква, „Градски Гробишта“, започнаа со уредување на зелената површина во рамки на дворот од гимназијата.

– Нашата цел која успешно ја остваривме беше оваа заборавена локација да биде преобразена во парк достапен за сите жители и посетители на Охрид. Овој долгогодишен локален проблем да биде конечно решен и нашиот град да има уште еден парк кој луѓето ќе го посетуваат и почитуваат, а пред се да се разбуди нивната еколошка свест и да сфатат дека со мали чекори може да се постигне многу, велат од Црвен крст Охрид.

Проектот се реализираше во рамки на ЦКА-ПХВ програмата (Црвен крст во акција – Промоција на хумани вредности).

ЦКА ПХВ програмта претставува национална алатка за привлекување и задржување на волонтери во Црвен крст на Р. Македонија. Истата се имплементира во сите општински организации на Црвен крст и на годишно ниво обучува околу 1200 младинци, потенцијални волонтери во организацијата и 45 дисеминатори кои работат со младенците. Младите добиваат обука за вредностите на Црвен крст, учат за културата како систем од вредности, за културата на дијалог како основен предуслов за градење на интеркултурно општество. Истотака во текот на овие обуки тие добиваат и практични знаења како да изработуваат мали проекти за добробит на заедницата во која што живеат, а притоа се охрабрени да ги користат сопствените капацитети за изработка на проектите преку кои помагаат на ранливото население. Во текот на циклусот 2017 година обуката ја поминаа 1247 младинци, и беа изработени 192 мали проекти за добробит на заедниците во кои што живеат. Преку овие проекти тие помогнаа и поддржаа 2687 лица од различни ранливи категории, вложувајќи 28950 волонтерски часови.

Оваа години дисеминатор на оваа програма во Црвен крст Охрид беше Георги Ставрески и имаше 45 учесници кои се вклучија во реализација на сите проекти.

OhridNews