Пронајдени се телата на четири од патници од вкупно 92 луѓе кои се наоѓале во авионот „Ту-154“ на руското министерство за одбрана кој се урна во Црното Море утрово летајќи од Сочи кон Сирија. Претходно руските агенции објавија дека спасувачките екипи го лоцирале местото на падот на авионот со 84 патници, меѓу кои и членови на воениот оркестар „Александров“, девет новинари, воен персонал и позната хуманитарна активистка.
Министерството за одбрана соопшти дека авионот во кој имало осумчлен екипаж управуван од искусен пилот, полетал од Адлер, јужно од Сочи, и се наоѓал на рутински лет до руската воена база кај Хмејмим, недалеку од Латакија во Сирија. Станува збор за база којашто ја користат руските борбени авиони за операциите во Сирија.
Патниците требало да настапуваат за руските војници во Сирија по повод новогодишните и божикните празници.
Делови од авионот се пронајдени во Црното Море на длабочина од 50 метри, на околу, 1,5 километри од рускиот брег. Агенцијата РИА објави, повикувајќи се на неименувани воени извори, дека авионот се урнал поради технички проблеми или грешка на пилотот. Агенциите наведуваат дека од авионот не бил испратен никаков повик за помош. Портпаролот на Крем, Дмитриј Песков, како и рускиот премиер Дмитриј Медведев, изразувајќи сочувство до семејствата на жртвите, рекоа дека засега е прерано да се зборува за жртвите во несреќата.
OhridNews
извор Макфакс