Министерството за транспорт и врски се уште чека добавувач за специјалните радари кои треба да бидат поставени на охридското крајбрежје и ќе служат за набљудување на бродовите, глисерите и другите пловни објекти кои пловат по Охридското Езеро.

За таа цел деновиве преку Електронскиот систем за јавни набавки, беше објавен нов Јавен оглас, за набавка на радарска опрема, која ќе чини околу 20.000 евра или точно 1.312.712 денари. Крајниот рок на овој Јавен оглас истекува на 21-ви март 2016 година, кога ќе биде извршено и јавното отварање на понудите. Според информацијата од Капетанијата на пристаништата, претходниот јавен оглас бил поништен поради тоа што биле увидени одредени технички пропусти во тендерската документација.

Со поставувањето на радарската опрема се очекува да биде зголемена безбедноста на пловидбата во Охридското Езеро.

-Со радарите ќе може да се набљудува целата површина на езерото, присуството на пловни објекти односно фреквенцијата на движење на пловилата низ езерото. Радарите ќе бидат корисни кога ќе треба да се лоцира одреден пловен објект кој е исчезнат, изгубен или има одредени проблеми во пловидбата, велат надлежните во Капетанијата.

Според планираното, радарите ќе бидат поставени на две локации на крајбрежјето и сигналот ќе го испраќаат безжично до Капетанија, каде што ќе има опремена просторија за набљудување.

Инаку во текот на минатата година беа поставени пловидбени знаци и информативни табли на брегот на Охридското Езеро како и бови кои служат за сигнализација на пловидбата во вода.

OhridNews