11 советници од СДСМ и коалицијата, 10 од ВМРО ДПМНЕ и коалицијата и два советника од (ДУИ, Алијанса за Албанците, БЕСА), денес, дадоа свечени заклетви дека ќе работаат во интерес на општината и граѓаните кои ги избрале. Но, се уште останува отворено прашањето кој ќе го има мнозинството во советот кое ќе дава амин на одлуките од кои ќе зависи понатамошниот развој на општината.
– Во моментов ние не водиме преговори. Како советничка група од десет советници од вкупно 23 ќе делуваме согласно точките на дневен ред и работите кои ќе треба да ги донесуваме според два принципи-конструктивно, секаде каде што се работи за доброто на Охрид и што е од национален интерес. Ние како советничка група сме тука да поддржиме, а кога треба ќе критикуваме и корегираме. Можеби ќе се преговара, вели координаторот на советничката група на ВМРО ДПМНЕ, Кирил Пецаков.
На прашањето дали ќе биде доведено во прашање функционирањето на советот доколку не се направи коалиција со претставниците на ДУИ, БЕСА и Алијансата за Албанците, координаторот на СДСМ, Константин Георгиески со краток коментар-„Нема да биде, преговараме“.
Според градоначалникот Јован Стојаноски, демократски напредок е градоначалникот да работи и во средина во која го нема мнозинството на советници или со лабаво мнозинство на советници.
– Тоа е единствен начин во кој секогаш градоначалникот ќе биде обврзан да ги штити интересите на сите граѓани. СДСМ како мнозинска советничка група не мора да значи дека ќе го има апсолутниот примат и дека сите одлуки ќе се носат во согласност со сфаќањата на СДСМ. Сосема е демократски и добро за граѓаните да имаме балансиран совет, балансирано носење одлуки, вели Стојаноски.
Во однос на изборот на претседател на советот, градоначалникот рече дека се очекува тоа да се случи за една седмица.
– Наредната недела кога ќе се договорат советничките групи дека треба да има закажување на нова седница, кога и ќе се договорат и на чија страна ќе биде мнозинството и кој ќе биде претседател, односно од која група ќе произлезе, рече Стојаноски.
Градоначалникот потврди дека се врши доекипирање на кабинетот со соработници кои ќе помагаат во неговото работење. Како што потенцира, станува збор за искусни луѓе во својата професија, проверени и пред се чесни граѓани.
Т.К.














