Увидни екипи на полицијата се на терен и ги утврдуваат причините за големиот пожар којшто вчера попладнето избувна во објектот на Македонски пошти во Скопје.

Од МВР велат дека сè уште е рано за да се кажат причините за пожарот, тоа ќе се знае по извршениот увид.

Командантот на противпожарна заштита на Скопје, Благоја Менковски, вели дека пред објектот дежура едно противпожарно возило, со цел да се интервенира доколку има потреба.

Според соопштението од АД „Македонски пошти“, во пожарот изгореле неколку канцеларии, покривот на зградата и шалтер салата во дирекција.

Управниот одбор на Македонски пошти ги информира граѓаните дека поштата ќе работи нормално на цела територија на Македонија и оти сите финансиски трансакции извршени во текот на вчерашниот ден се навремено процесуирани и заштитени.

Пожарот избувна вчера  околу 16.30 часот, а во објектот биле вработените од втора смена, како и директорот на Македонски пошти, Рафиз Алити.

Според првичните претпоставки, пожарот избувнал во сервер салата, најверојатно поради дотраената инсталација.

OhridNews
Makfaks