Услугата „испробај, па купи“, ќе стане реалност и за граѓаните на Македонија. Агенцијата за елктронски комуникации, побара од операторите кои нудат услуги од областа на интернет-пристапот преку мобилен дата-стик, да им ја овозможат оваа новина на своите корисници. Најголема корист од оваа услуга ќе имаат граѓаните, кои ќе можат да го проверат квалитетот на производот, пред да се потпише пртплатничкиот договор со операторите.

Според директорот на АЕК, Роберт Орданоски, со оваа новина ќе се штитат правата на корисниците, додека операторите ќе имаат обврска уште повеќе да внимаваат на квалитетот на услугите, кои ги нудат на пазарот. Во иднина, како што посочи Орданоски, се прават напори за широка примена на услугата во различни сектори.

Инаку, со оваа новина, корисниците на интернет преку дата-стиковите, ќе имаат можност на тест-период од седум дена, пред склучување на било каков договор со операторите. Доколку постои незадоволство кај корисниците од понудената услуга, единствено што ќе треба да платат, е трошокот за реализиран интернет сообраќај во тест-периодот.

OhridNews