Со цел да се превенира, намали и да се елиминира ризикот од евентуално ширење на заразата со листерија, Агенцијата за храна и ветеринарство соопшти дека ги прошири активностите во рамки на вонредните инспекциски контроли на храната.

-Со новите дополнителни превентивни мерки за исполнување на посебните барања за безбедност на храната се забранува ставање во промет на храна од животинско потекло опфатена со Правилникот, а кои се однесуваат на микробиолошките критериуми, се додека не се добие задоволителен лабораториски наод, се наведува во соопштението од АХВ.

Агенцијата донесе наредба за спроведување на вонредни превентивни контроли кај операторите кои произведуваат храна, со посебен осврт во делот на исполнувањето на предусловните програми, контролата на прием на суровини, технологијата на производствениот процес, транспортот, дистрибуцијата, постапките за следливост и повлекување и нивната функционалност.

Како дел од засилените инспекциски мерки се спроведуваат и активности за контрола на малопродажните објекти во однос на условите за промет и продажба со посебен осврт потенцијално осетливите производи на оваа бактерија, условите на складирање и продажба како и на рокот на употребата на производите. Во рамки на засилените контроли, Агенцијата ги пренасочи сите расположиви ресурси во спроведување на мерките. Во наредните денови продолжува континуираната контрола на сите точки во ланецот на безбедност на храна кои се сметаат за ризични.

Освен почитувањето на општите превентивни мерки, наменети за целото население, треба да се почитуваат и следните препораки за заштита на здравјето: да избегнуваат користење на непастеризирано млеко и млечни производи од непастеризирано млеко, како што се меки сирења, намази и слично, да избегнуваат: консумирање паштети, сувомесни производи, чадена риба и други чадени и термички необработени месни производи, користење на претходно подготвени овошни и салати од зеленчук, сладолед, мајонез и кремови подготвени од свежи или недоволно термички обработени јајца.

OhridNews