Лицата со попреченост ги имаат истите потреби како и сите ние, но тие потреби не секогаш можат сами да ги да оставрат и затоа се потребни дневни центри, општеството, другите луѓе. Овие лица имаат потреба за дружење, за семејство, за внимание, како и сите други луѓе. Јавната свест низ годините се зголемува, што е за поздравување, но останува потребата дневните центри да бидат под државна капа. Ова беше истакнато во Дневниот центар „Зраци“ кој традиционално и оваа година организираше отворен ден по повод 3 Декември-Меѓународниот ден на лицата со попреченост.

Целта на отворениот ден е целото општество, во случајов целата локална самоуправа, целиот град, слободно да може да дојде, да види, да го посети Дневниот центар, да се запознае со сите активности коишто тука ги извршуваме и што е најважно да се види дека и овие граѓани, лица со попреченост се граѓани на ова општество, како и сите други и дека и тие имаат потреба за свој простор, за свое друштво, да бидат дел од заедницата, што во суштината е и главната работа на овој Дневен центар, колку што е можно да ги подготвивме за самостојно живеење, вели дефектологот Зоран Костадиноски од Дневниот центар „Зраци“

Самото постоење на Дневниот центар изминативе 24 години, како и 40 години на Здружението на лица со попреченост, оформено во 1985 година, говори доволно само по себе за успешноста на работата и пред се за потребата од функционирање.

Во поглед на јавната свест морам да кажам дека секогаш одењето чекор по чекор напред со овој тип на проблематика е многу спор, ама после повеќе од дваесет години работа морам да кажам дека ако во почетокот кога ќе излезевме чудно бевме гледани, сега можам да речем дека кај луѓето се развива таа јавна свест. Ние секојдневно можеби нема да ја приметиме, поготово ние што сме во таа работа, можеби ќе речеме и споро, но мислам дека кога ќе гледаме во минатото има напредок. Постојат уште бариери, но мислам дека целиот проблем е до образованието. Кога ќе речам образование, не мислам на детско, мислам и на возрасните, додава.

Овој дневен центар постојано повторуваме дека ни е од непроценливо значење, прво тоа е остварување на работен однос на родителите, да можат да работат и да придонесат во семејството и нормално за самите деца, вели Орхидеја Топенчарова, мајка на Ивана која долги години е корисник на услугите.

Тие се свои на своето, во своја средина и секако животот им е поразличен отколку да бидат само дома. Вака излегуваат, се дружат, секој си е среќен во својот свет. Нерешениот статус на дневните центри на државно ниво и понатаму е проблем. Ние сме многу благодарни на локалната самоуправа и на сето тоа што се прави за да опстане Дневниот центар, но потребно е дневните центри, без оглед каде се наоѓаат да си влезат под државна капа. Ние сите имаме и здрави деца, ако за нив е образованието задолжително, значи јас сметам дека за овие деца дневниот центар е образование без разлика колку години имаат. Јас лично сметам дека треба да се под Министерство за образование, ако градинките припаѓаат таму, припаѓаме и ние.

Вели, за лица кои се неописменети, неработоспособни, никогаш што нема да работат, за нив ова е еден вид оспособување на вештини за секојдневен живот.

Дневните центри и лицата со посебни потреби остануваат секогаш на маргините. Се уште не е решен статусот на родителите кои ги напуштаат своите професии за да се грижат за лицата со посебни потреби, немаат ниту стаж ниту примања. Само за споредба ако сте згрижувачко семејство за лице со посебни потреби имате многу повеќе права и добивате повеќе средства, додава Топенчарова.

Општина Охрид дава континуирано поддршка на Дневниот центар како и на останатите здруженија и невладини организации кои работат на полето на заштита на правата на лицата и децата со попреченост, вели Кети Росиќ, раководител на Одделението за детска, здравствена и социјална заштита при Општина Охрид.

Голема чест и задоволство ни е што денеска сме во Дневниот центар „Зраци“ на 3-ти декември Денот на лицата со попреченост. Овој дневен центар работи повеќе години, општината континуирано секоја година дава поддршка за децата и лицата кои што го посетуваат овој центар, посочи Росиќ.

Инаку, Дневниот центар „Зраци“ секојдневно го посетуваат десетина лица. Лицата покрај тоа што ги добиваат услугите за оспособување во извршување на дневните обврски, вклучени се и во бројни социјални активности како учества на спортски манифстации, посети на културно-историско споменици, организирање на одмори…

Н.С.Ј.

фото. А. Момироска