Бројот на интервенции за катаракта до крајот на годината во неколку градови, Битола, Тетово, Штип, Прилеп и Струмица, Скопје, се зголемува од 500 на 1.200,  а истовремено се намалува и времето за чекање за интервенција, информира министерот за здравство Никола Тодоров.

Оваа нова мерка за унапредување на офталмологијата е со цел регионално зајакнување на постојните капацитети на очните одделенија, а истовремено ќе се постигне намалување на листите за чекање во сите очни одделенија, како и добивање здравствена услуга во близината на местото на живеење.

Тодоров рече дека за операција на катаракта се чека од три до шест месеци, а интенцијата е овој период да се намали на околу два месеца. Министерот истакна дека по 200 интервенции повеќе ќе се изведуваат во Штип, Прилеп и Тетово. Онаму каде што ќе има потреба ќе оперираат лекари од Скопје. Во Струмица, каде досега не се изведувале вакви интервенции, планирано е да се изведат 100.

На пациентите кои веќе имаат закажано операција на катаракта во скопските болници, а се од посочените градови телефонски ќе бидат конктактирани и ќе бидат информирани за времето и градот каде ќе им биде извршена интервенцијата. Пациентот има право сам да избере каде ќе се оперира.

OhridNews