Вкупно 1.385 заболени од грип се регистрирани во Македонија во периодот од 13-ти до 19-ти јануари оваа година, што е за 85,2 отсто повеќе од истиот период лани кога имало 748, соопшти денеска Институтот за јавно здравје.

Вкупниот број на заболени од грип во државата од почетокот на сезоната 2013/2014 заклучно со третата недела од оваа година изнесува 3.328, што во споредба лани кога регистрирани биле 1.759 лица, има зголемување на вкупниот број на пријавени случаи за 89,2 проценти.

Во овој период е регистриран еден смртен случај асоциран со инфекција со вирусот на грип, кај жена на 67-годишна возраст со историја на хронични болести, кај која лабораториски е потврдена инфекција со вирусот на инфлуенца А/Х3Н2.

Како што соопштуваат од Институтот за јавно здравје, вројот на пријавени случаи на грип или заболувања слични на грип во земјава, има тренд на интензивен и континуиран пораст.

„Се очекува овој тренд да продолжи и во наредните недели. Доминантна е циркулацијата на вирусот на инфлуенца тип А, при што се бележи кодоминација на двата негови подтипови – А/H1 и А/H3N2.“ – се наведува во соопштението од Институтот за јавно здравје.

OhridNews