
И покрај тоа што овој месец календарски започнува пролетта вообичаено времето во март е променливо. Дождот, снегот, сланата и мразот кои често се присутни во текот на март во минатото предизвикувале страв и неизвесност кај нашиот човек кому земјоделството, сточарството и овоштарството му биле основни извори на егзистенција.
Поголем број македонски народни пословици, верувања и преданија се однесуваат на времето и посебно на месеците сечко(февруари) и март. Нашиот народ вели „Не менувај се во зборот како времето во марта“, што зборува за непостојаното , пред се, лошо време во овој месец.

Меѓу македонскиот народ се уште е живо и популарно преданието за бабата што што го навредила месецот па тој и се одмаздил замрзнувајќи ја на планината. Во зборникот на браќата Миладиновци меѓу годишните обичаи од Струга е забележано дека последните дни од марта се викаат бабини дни. Миладиновци запишале:„ Последните дни од марта се викаат бабини дни, кои обикновено сет студени и ветерливи. Тие дни се земени од априља, еве како. Една стара жена по излегувањето од Марта, како виде че времето беше топло и многу хубаво рече: „ Циц козица на планина, прдни Марту на брадина“ и си излезе со козите на планина. На Марта и падна тешко да се презират од една баба и рече на априља:„Априле, лиле, мој побратиме, придај ми три дни да згубам баба“. Април и даде и захвати таков студ, лапавици и ветришта, што бабата сосе кози замрзнала. И денеска, велет, стојат каменообразни бабата и козите на Шар Шпланина“:
Во охридско се верува дека времето може да биде студено додека не поминат бабите. Тоа се три дена на крајот на март и се идентификуваат со трите најстари баби во селото.
Јасминка Т. Момироска












