Гоце Седлоски, поранешниот капитен, сега помошник на селекторот, во Прилеп ја почна и таму ќе ја заврши интернационалната кариера. На мечот против Албанија денес во Прилеп ќе му биде доделено признание од УЕФА за одиграните 100 натпревари во дресот со националниот грб.

– Секој играч сака да игра за својата репрезентација, а уште повеќе да ја достигне таа бројка. Ние сме мала репрезентација, која не успеа да избори пласман на големо натпреварување, така што сите тие мечеви се одиграни на квалификации и пријателски средби. За мене е голема чест што сум ги одиграл сите овие натпревари за Македонија, на сите тие сум играл со срце. Патував од Јапонија за да одиграм натпревар за Македонија, сум летал по 15 часа за да стигнам и да играм за репрезентацијата – вели Седлоски.
Во денешниот фудбал нема лесни и тешки натпревари, секој натпревар е важен и битен, смета Седлоски, кој посакува победа против Албанија, утре. 
– Очекувам да има доста публика, а фудбалерите да им се оддолжат со триумф над Албанија. Како најдраги во моето сеќавање се секако натпреварите против Англија во Саутемптон 2-2 и на „Олд Трафорд“ 0-0, исто така и ремито 2-2 дома против Холандија и 0-0 во Амстердам. Најгоркиот пораз за мене лично беше оној против Русија 0-2 во Скопје, кога селектор беше Среќко Катанец – се сеќава Седлоски.

Долго време беше последниот бедем пред македонскиот гол, грижејќи се за сопствениот гол, но Седлоски во 100 меча за Македонија осум пати ги затресе противничките мрежи. Неговиот гол против Естонија во Талин, кој го добивме со 1-0, беше првиот гол на тие квалификации за ЕП 2008.
– Посебно ми е драг голот на „Максимир“ против Хрватска. Седум години поминав таму и го познавав стадионот – во шега вели Седлоски и додава – сепак најдрагиот гол за Македонија ми е оној на мечот со Андора (3-0), кој го одигравме по смртта на Тоше Проески. Тој погодок и таа победа му ја посветивме на нашиот најголем навивач – вели Седлоски.
Седлоски пред две години прекина да игра активно фудбал, работи како асистент во австрискиот прволигаш Матерсбруг, а сега дебитира и на македонската клупа. Како капитен не му успеа да ја одведе Македонија на големо натпреварување, а посакува она што не му успеа како капитен, да го оствари како дел од стручниот штаб.
Мирко Постоловски