Во пресрет на Христовото раѓање – Божиќ, на 6 јануари, понеделник, во Охрид по седми пат ќе се одржи традиционалната Бадникова поворка.

Поворката на која се очекува да учествуваат неколку стотини дечиња, традиционално, ќе продефилира низ улиците на градот и ќе пристигне на плоштадот „Св.Климент Охридски“, каде ќе биде поставена Божиќна пештера која го наговестува денот на Христовото раѓање. Околу пладне на градскиот плоштад децата ќе ги пречека градоначалникот Константин Георгиевски кој ќе ги дарува со божиќни пакетчиња.

Втора година по ред Бадникова поворка ќе се одржи и во село Велгошти. Дечињата во 10 часот ќе тргнат од црквата Св. Димитрија, а околу 11:15 часот ќе стигнат во црквата Мал Св. Климент каде ќе ги пречека градоначалникот Георгиески кој ќе ги дарува со божиќни пакетчиња. Во рамки на прославите со кои се најавува христовото раѓање е предвидена културно уметничка програма со божиќни песни.

Оваа година бадниковата поворка, ќе се одржи под мотото “БАДНИК ЗА СИТЕ! – РАДОСТ ЗА СИТЕ!”, а ја организира здружението “Бадникови поворки”.

– Со пакетчиња за децата, благословени бадникови колачиња за возрасните и пригодна музичка програма, ќе го заокружиме овогодинешното чествување, и со најголема љубов ќе ве испратиме дома, за благословот да го понесете во своите домашни огништа. – стои во поканата од Здружението.

Освен во Охрид, традиционално и оваа година, во речиси исто време, Бадникови поворки на радоста ќе се одржуваат во уште 39 градови и населени места во нашата земја: Скопје, Битола, Струга, Кичево, Прилеп, Дебар, Велес, Штип, Крушево, Куманово, Струмица, Богданци, Виница, Ростуше, Луково, Велгошти, Кривогаштани, Гевгелија, Валандово, Свети Николе, Тетово, Гостивар, Ресен, Могила, Демир Капија, Кавадарци, Пробиштип, Радовиш, Неготино, Кочани, Делчево, Македонска каменица, Дојран, Вратница, Брвеница, Старо село, Беловиште, Рогачево и Теарце, каде распеаните коледарчиња ќе бидат исто така дочекани и дарувани со најголема љубов, почит и пригодни пакетчиња.

 Г.М.
фото: Архива