По седми пат, вечерва (недела), ќе се одржи Меѓународниот хорски фестивал „Гласот на Охрид“, организиран од охридскиот градски хор „Вокс Лихнидос“.
Публиката ќе може да ужива во различни музички жанрови, од класична музика до современи аранжмани и да биде дел од магијата што ја носи хорската уметност.
Со годинашното фестивалско издание ќе биде одбележан јубилејот 100 години од раѓањето на македонскиот композитор Кирил Македонски, автор на првата македонска опера „Гоце“,
Охридските хористи ќе настапат со пет композиции: Kyrie и God shall wipe all tears од K. Jenkins, Africa – Toto и традиционалната турска песна Kızılcıklar oldu mu. Премиерно во Македонија ќе ја изведат композицијата „Бум та ка бум“ од македонскиот композитор Гоце Гавриловски, а посветена на хорот „Вокс Лихнидос“.
Фестивалот ќе го отвори младиот Александар Гавриловски на пијано. Ќе настапат три ансамбли од Србија, хорот „Атендите“ при Културниот центар Кикинда, машкиот вокален ансамбл „Канон“ од Крагуевац и мешаниот хор „Educantus“ од Ниш, младинскиот хор при средното музичко училиште „Prenk Jakova“ од Ѓаково, Косово, а од Македонија учесници се женскиот младински хор при МКЦ Скопје и мешаниот хор „Драган Шуплевски“, предводени од диригентот Сашо Татарчевски.
Меѓународниот хорски фестивал „Гласот на Охрид“ ќе се одржи во катедралната црква „Св.Софија“ со почеток во 19:00 часот, а влезот е слободен.
OhridNews