Во рамки на своите програми за промоција и негување на хуманите вредности, поттикнување и развивање на креативноста кај младите, во организација на Црвен крст Охрид, ќе се одржи седмото издание на Меѓународниот Аматерски Младински Театарски Фестивал „Вдиши Театар“.
Целта на овој театарски фестивал е поттикнување на младите за искористување на својот театарски потенцијал, креирање театарска игра и прикажување театарски претстави. Фестивалот е можност за промоција на работата на театарски надарените волонтери на Црвен крст Охрид, но и поттик за останатите да се приклучат, ги стекнат и негуваат вештините на актерството. Самиот фестивал ќе биде еден чекор напред во подигнување на театарската култура, не само кај младите, туку и кај останатите граѓани, а воедно претставува и почеток на културното лето во Охрид. – велат од Црвен крст Охрид.

Седмиот Аматерски Театарски Фестивал „ВДИШИ ТЕАТАР“ во организација на Црвен крст Охрид ќе се реализира во Охрид, во периодот од 22 до 24 јуни 2022 година.
Свеченото отворање на фестивалот ќе биде на 22.06.2022 (среда) во предворјето на црквата -Св.Софија со почеток во 21:00 ч. со прикажување на музичко-поетскиот перформанс „Треба да бидеме подобри“ под авторство и режија на Емилија Блажеска, Весна Терзиоска и Јованка Сион Доленц, а во изведба на театарската група на Црвен крст Охрид.
OhridNews











