Денес во Охрид, ќе се одржи третата седница на Националната комисија за УНЕСКО. За седницата ќе информира министерот за култура и туризам Зоран Љутков кој воедно е и претседател на Националната комисија.

Комитетот за светско наследство на УНЕСКО на 47 сесија што се одржа во месец јули во Париз донесе одлука со која на Македонија и Албанија им се даде дополнително една година за спроведување на корективни мерки односно временска рамка за имплементација на активностите за зачувување на светското природно и културно наследство на Охридскиот регион.

На состанокот во Охрид ќе ги отвориме реално проблемите и забелешките и препораките од УНЕСКО. Ќе донесеме заклучоци, ќе ја информирам Владата и ќе видиме кои ќе бидат следните чекори. Имаме краток период до февруари наредната година да го поднесеме извештајот и за конкретните чекори што ќе ги преземеме, изјави министерот за култура и туризам Зоран Љутков за ТВ Канал 5.

Одлуката за дополнителен рок следеше откако Комитетот претходно предложи регионот на Охридското Езеро да се стави на Листата на светско наследство во опасност, со цел да се поттикне порешителна акција и да се обезбеди запирање и враќање на деградацијата на атрибутите што ја пренесуваат извонредната универзална вредност (OUV) на имотот.

Н.С.Ј.