Седницата на Анкетната комисија за прислушувањето на која денеска требаше да сведочи министерот за финансии и вицепремиерот Зоран Ставрески беше прекината.

Членовите на Анкетната комисија од ВМРО-ДПМНЕ не дозволуваа да почне сослушувањето на Ставрески и бараа да се смени дневниот ред. Тие бараа прво да се констатира дека сведоците Гордана Јанкулоска, Мартин Протугер, Сашо Мијалков и Миле Јанакиески нема да дојдат на сослушување во Комисијата.

Претседателот на Анкетната комисија, Петре Шилегов од СДСМ, не се согласи со барањето и рече дека не може да се констатира дека нема да дојдат лица кои не биле поканети за денеска. Нивниот ред измина минатите денови. Седниците за нивно сослушување беа затворани или не беа ни почнувани.

Сепак, денешната седница на која присуството го најави Ставрески преку писмено барање, не се одржа, а требаше да биде зад затворени врати.

Ставрески пред почетокот на седницата даде куса изјава за новинарите, во која рече дека е подготвен да одговори на сите прашања што ќе му бидат поставени од страна на членовите на комисијата, како и тоа дека ќе побара седницата да биде затворена за медиумите, бидејќи на тој начин ќе може комисијата да работи стручно и професионално.

Деловникот за работа на комисијата е тема пред почетокот на секоја седница и сите членови различно го толкуваат.

OhridNews
Извор: „Макфакс“