Менталното здравје не е тема само кога ќе се појави криза, ниту грижата за него започнува во ординацијата. Таа се гради секојдневно – дома, во училиштето, на работното место и во заедницата. На 10 Октомври – Светскиот ден на менталното здравје, Комората на психолози на Република Македонија повикува вниманието да се насочи кон едно едноставно, но важно прашање: „Како си – навистина?“
Под мотото „10.10 во 10:10 – Да застанеме за менталното здравје“, Комората повика денеска во 10 часот и 10 минути да одвоиме момент за себе, но и за луѓето околу нас.
Зад човекот кој навидум добро се справува со секојдневието може да се крие умор што никој не го забележува. Зад професионалецот кој се грижи за други – исцрпеност, зад вработениот кој станал тивок – борба за која никој не прашал, а зад детето кое „прави проблеми“ понекогаш стои дете кое не знае поинаку да каже дека нешто го боли, посочуваат од Комората.

Повикот е упатен и до институциите и креаторите на политиките – менталното здравје да не станува приоритет само по трагедија или криза, туку да се обезбедат достапни услуги, превенција, доволно стручни лица и систем што ќе реагира навреме.
Училиштата, според Комората, треба да бидат средини во кои психолошката благосостојба на детето ќе биде важна исто колку и неговиот успех, а работодавачите треба да разберат дека грижата за менталното здравје не се сведува на повремен тим-билдинг или мотивациска порака. Таа подразбира реален обем на работа, здрава комуникација и можност вработениот да каже дека е преоптоварен без страв дека ќе биде прогласен за слаб или неспособен.
1,2 милијарди луѓе живеат со ментално нарушување
Размерите на проблемот ги покажуваат и најновите глобални податоци.
Според Светската здравствена организација, во 2023 година околу 1,2 милијарди луѓе или речиси секој седми жител на планетата, живееле со ментално нарушување. Најчести се анксиозните и депресивните нарушувања. Само со анксиозно нарушување живееле околу 470 милиони луѓе, меѓу кои 146 милиони деца и адолесценти. И покрај постоењето ефективни начини за превенција и третман, голем дел од луѓето немаат пристап до соодветна грижа.
Особено ранлива е младата популација. Во Европскиот регион на СЗО, едно од седум деца и адолесценти до 19 години живее со состојба поврзана со менталното здравје, а кај девојките на возраст од 15 до 19 години односот достигнува едно од четири.
Во поширокиот Европски регион околу 140 милиони луѓе, или секој шести жител, живеат со состојба поврзана со менталното здравје. СЗО предупредува дека дури еден од тројца луѓе со ваква состојба не ја добива потребната терапија или поддршка.
Менталното здравје има и огромна економска цена
Проблемот сè повеќе се чувствува и на работните места. Најновите податоци на СЗО покажуваат дека во 2023 година околу 16 проценти од возрасните во работоспособна возраст живееле со ментално нарушување.
Секоја година поради депресија и анксиозност во светот се губат околу 12 милијарди работни денови, а економската цена од намалената продуктивност се проценува на околу еден трилион американски долари годишно.
Наспроти размерите на проблемот, вложувањата остануваат ниски. Последниот „Mental Health Atlas“ на СЗО покажува дека медијаната на државните издвојувања за менталното здравје е само 2 проценти од здравствените буџети, практично непроменета од 2017 година. Разликите се огромни – од околу 65 долари по жител во земјите со високи приходи до само четири центи во земјите со ниски приходи.
Од слушање кон вистинска промена
Токму системскиот пристап е во фокусот и на Светскиот ден на менталното здравје 2026. Годинашната кампања на СЗО се одвива под мотото „Lived experiences heard: real voices, real change“ – „Да се слушнат личните искуства: вистински гласови, вистинска промена“.
Пораката е дека луѓето кои лично се соочуваат или се соочувале со проблеми со менталното здравје не треба само да ги раскажуваат своите приказни, туку нивното искуство треба да биде вградено во креирањето политики и услуги. СЗО се залага и за премин од долготрајна институционална грижа кон услуги во заедницата, насочени кон човекот и неговите права.

Барањето психолошка помош, потенцираат, не е знак дека човекот не успеал сам, туку може да биде еден од најодговорните чекори што ќе ги направи за себе и за луѓето што ги сака.
Затоа, по повод 10 Октомври, Комората повикува менталното здравје да не остане само тема за разговор, туку да стане одговорност – за себе, за другите и за средините во кои живееме, учиме и работиме.
Зашто општество што се грижи за менталното здравје не е она што зборува за него еднаш годишно, туку она што создава услови луѓето да живеат, работат, учат и растат без цената да ја плаќаат со сопственото психолошко здравје.
Г.М.
Фото и илустрации: „Magnific“

















