Масовните исклучувања на должниците за струја низ целава земја не престануваат. ЕВН  продолжува да ги исклучува должниците и крадците на струја. Само во мај поради долг биле исклучени 52 000 корисници. Ова значи дека во еден месец секое 15 броило е исклучено поради долг за електрична енергија. Од ЕВН Македонија велат дека секојдневно се реализираат исклчувања кај оние корисници кои навреме не ги платиле своите сметки и го пречекориле законски предвидениот рок. Онаму каде се наидува на отпор при исклучувањата обезбедена е интервенција од полицијата.

По исклучувањата дел од корисниците веднаш расчистиле со долгот, дел ја искористиле кампањата на ЕВН и потпишале спогодби за плаќање на рати, а дел од исклучените самоволно се приклучиле на системот. За нив покрај паричните казни кои се екстремно големи, ЕВН поднесува и кривични пријави за неовластено користење на електричната енергија. Се почесто се применува и законски предвидената мерка одземање на броилото и приклучокот на корисниците кои ги повториле кривичните дела неовластено користење на електрична енегија или самоволно приклучување. Според најавите и во текот на целото лето масовните исклучувања на должниците ќе продолжат.

Од компанијата потсетуваат и дека за расчистување на долговите домаќинствата и бизнис корисниците можат да ја искористат кампањата „ Избриши го долгот“. Најголемите поволности од оваа кампања се овој месец. Со потпишување на спогодба домаќинствата имаат можност  да го платат долгот на 6 рати, во јули на 4,  а во август само на 2 рати. Бизнис корисниците овој месец можат да потпишат спогодба за плаќање на долгот на 4 рати, а во јули на 2. На оние кои ќе го платат долгот во целост им се бришат сите камати за задоцнето плаќање како и судските, нотарските и трошоците за извршителите. Воедно се запира и целата судска постапка. 

OhridNews