Локалната самоуправа со мерки за отстранување на проблемите околу такси превозот кои беа присутни изминатите години, пред се во текот на туристичката сезона.

Од денес, во секое такси возило со лиценца за превоз, задолжително ќе мора да биде истакнат ценовник, изработен од страна на локалната самоуправа. 

До нас во изминатиот период пристигнаа многу поплаки како од охриѓани, така и од гостите, за неразумни таксисти кои наплаќаат по сосптвена волја и интерес. За да се спречи оваа негативна појава го изработивме ценовникот,  кој е на македонски и на англиски јазик. Со тоа, секој патник ќе има увид по која тарифа и цена треба да му се наплати. Апелирам до сите да внимаваат и ако се случи злоупотреба, веднаш да ја пријават на броевите 198- УЈП и 192 – Полиција, каде можат да пријават во секое време од денот, а  ние како локална самоуправа потоа ќе ги преземеме соодветните санкции, изјави секретарот на општина Охрид, Димитар Спасески.

Околу одбивањето на таксистите во екот на летната сезона да превезуваат на пократки релации- проблем кој се повторуваше секоја сезона, Спасески, потенцира дека најголемиот број поплаки доаѓаат токму од охриѓани.

Таксистите да имаат во предвид дека пред се, треба да имаат коректен однос кон жителите на Охрид, бидејќи од нив живеат преку цела година и превезувајќи ги , работаат рентабилно. Секој кој има потреба, доколку побара, треба да ја добие услугата, а таксистите се должни да ја извршат без разлика за која дестинација се работи. Доколку не ја дадат услугата, тоа значи дека немаат потреба од лиценцата за превоз, можат да ги вратат и ние ќе објавиме нови огласи, ќе ангажираме нови луѓе како таксисти кои ќе имаат потреба, едноставно, да работаат, рече Спасески. Тој додаде дека инспекциските служби работаат во две смени и се во постојана координација со МВР, УЈП и Пазарната иснпекција.

Од ТЛЕР потенцираат дека освен ценовникот, во секое такси возило од денес, мора да биде истакната и лиценца за вршење превоз, што ќе значи дека е легитимирано и пријавено согласно законските прописи.

Т. Кувенџиска