Додека дел од превозниците кон охридските плажи превезуваат патници согласно законските прописи,останатите возачи на минибуси и комбиња секој ден ја менуваат цената на билетот,  при тоа возејќи патници два пати повеќе отколку што има седишта во возилото, се жалат туристи кои доживеале непријатни искуства на пат кон плажите на охридското крајбрежје.

Се качив во комбе за да стигнам до плажата Лагадин. Минатите денови за оваа релација ми наплатуваа 30 денари, но овој пат кога се качив во комбето возачот ми побара 40 денари. Кога го прашав од кога има нова цена, тој дрско ми одговори – од сега. Му побарав фискална сметка и му кажав дека сум вработена во Управата за јавни приходи. Е тогаш неговиот однос во целост се промена, дрскоста веднаш исчезна, ми наплати 30 денари, но секако повторно изостана фискалната сметка, објаснува гостинка од Скопје.

Гости од Битола се жалат и на бројот на патници кој се превезува со комбињата.

Иако се преполни со патници тие застануваат и качуваат уште, а младите најчесто за да не чекаат  се качуваат и така со недозатворена врата во преполно возило, најчесто целосно амортизирано и старо, се превезуваат до плажите.Кога реагиравме до возачот зошто качува патници кога сите места се зафатени ни одговори дека има место за сите, велат туристите од Битола.

Од општинскиот инспекторат објаснуваат дека согласно донесената одлука на советот на општина Охрид, по распишан јавен повик за вршење превоз 12 фирми добиле право да вршат превоз кон охридските плажи кои се обврзани да превезуваат според однапред утврдени цени и мора да поседуваат фискален апарат.

Од наша страна редовно се вршат контроли врз возилата кои го вршат превозот и се преземаат санкции кон оние кои не ги почитуваат законските одредби. Упатуваме апел до граѓаните, секогаш да бараат фискална сметка , а доколку не им биде издадена тоа веднаш да го пријават до надлежните служби, при што ќе ја наведат регистрацијата на возилото и за која компанија вози, велат од општинскиот инспекторат.

Броевите на кои можат да се обратат граѓаните за утврдени неправилности поврзани со превозот до плажите или пак такси превозот се 192- Полиција и 198- УЈП или да се обратат до општинскиот инспекторат.

Т.К.