Многумина со нетрпение ги очекуваат велигденските празници, но не како одмор, туку како шанса да заработат денар повеќе. Ако туристичките работници во градот очекуваат прилив на средства од гостите кои традиционално престојуваат на ривиерата, охридските тезгаџии се надеваат дека најпосле ќе продадат дел од производите кои ги нудат на пазарот.
Покрај јагнешкото месо, она што најмногу се троши пред велигденските празници се јајцата и раноградинарските култури. Во градскиот пазар, за купување на една табла јајца потребни се од 130 до 220 денари, зависно од квалитетот и класата на продуктот. Како што велат продавачите на мало, граѓаните купуваат, но продажбата за разлика од минататите години е намалена за околу 50 отсто.
„Доаѓаат луѓето, купуваат, јајцата се трошат, но не како порано. Нормално дека имаме своја статистика, според која потрошувачката е намалена за речиси 50 отсто. Но ќе го истуркаме празников.“ – вели продавач на јајца во градскиот пазар.
Охриѓани одвојуваат од семејниот буџет за празникот
Охриѓани велат дека иако производите се со релативна висока цена во однос на животниот стандард, сепак ќе одвојат дел од семејниот буџет за традиционално да го одбележат големиот верски празник.
„Цените се релативно високи во однос на животниот стандард, но сепак се наоѓа по нешто за празникот. Порано купувавме две табли јајца, но во последните неколку години пари се има само за една. Јагнешкото е троа поскапо, но ќе испазариме колку да се омрсиме. Сепак се работи за голем христијански празник и продолжување на традицијата.“ – велат купувачите.
Високи цени на производите, понудата реална?
Цените на раноградинарските култури се вообичаено високи за овој период од годината. Килограм домати чини од 120 денари па нагоре, додека краставиците околу 70. Тезгаџиите велат, понудата е реална, но граѓаните немаат пари.
„Нормално дека овие цени се високи за џебовите на граѓаните. Кој работи, кој не работи, кој нема земено плата. Но ако ги намалиме, не останува никаков профит ниту за нас. А од нешто мора да се живее.“ – велат охридските пазарџии.
Туристите купуваат на парче
Како што објаснуваат тезгаџиите, најголеми потрошувачи се граѓаните кои се иселиле од Охрид, а кои доаѓаат за претстојните празници.
„Не очекуваме пазар од туристите. Ако ги има, купуваат по стотина грама или на парче. Најмногу се надеваме на нашите сограѓани. Оние кои се иселиле од Охрид, доаѓаат за празниците, ќе не посетат, ќе купат нешто, не штедат.“ – објаснуваат тезгаџиите.
O.T.