Се зголемува бројот на породувањата со царски рез во јавните здравствени установи последниве три години и тоа од 22 отсто на 33 отсто, а во текот на минатата година секоја трета родилка се породила со оваа оперативна метода, пишува весникот „Дневник“.
Надлежните во Фондот за здравство предупредуваат дека тој процент е највисок во регионот и бараат промена на упатството за породување и воведување стручен надзор во болниците.
Во минатата година имало 20.463 раѓања, а дури 6.350 биле со царски рез. Овие податоци директорката на Фондот за здравствено осигурување, Маја Парнарџиева-Змејкова, ги обелоденила и на 5. меѓународен конгрес за квалитет во здравствените системи во Турција.
-Во 2010 година, 25 отсто од сите породувања биле со царски рез, а споредено со земјите во опкружувањето – Хрватска – 21 отсто, Словенија – 19 отсто. Во 2013 во Македонија неверојатни 33 отсто од сите породувања биле со царски рез, а во земјите во регионот процентот останал ист, дури и се намалува, соопштиле од Фондот.
Според лекарите зголемениот број породувања со оваа метода е и поради зголемениот број на зачнувања со ин витро-методата.
– Повеќето вакви пацинетки инсистираат, велат: „Го чекав 10 години ова бебе, да не ризикуваме“, а се и повозрасни. Има и многу трудници што носат поголем диоптер и очниот лекар им препорачува исклучиво породување со царски рез зашто може да се одлепи леќата и да дојде до слепило кај жената. Тие уште од врата велат: „Морам на царски рез!“, појаснуваат лекарите.
Инаку според референтните цени на овие услуги, за спонтано породување, зависно дали е со компликации или не, Фондот за здравство треба да им префрлува на јавните болници и клиники од 12.250 денари до 20.530 денари. За тие што се породуваат со царски рез, износот е поголем – од 34.540 за интервенција без тешки компликации до 54.414 денари за царски рез со тешки компликации.
OhridNews
Извор:„Дневник“