Секретарот на општина Охрид, Димитар Спасески, денеска оствари непосредна средба со жителите на охридските села Вапила и Ливоишта.

Прашањата на жителите, првенствено се однесуваа на проблеми од секојдневието, како што се патната инфраструктура  и надлежностите на локалната самоуправа во делот на изградбата и неговото одржување. Жителите се осврнаа и на проблемот со водоснабдувањето кој се провлекува веќе години наназад. Во делот на образовниот процес, беше истакнат проблемот со несоодветните услови за работа и одвивање на наставниот процес  во училиштата кои се наоѓаат во овие селски населби.

Пред присутните, секретарот Спасески ја потенцираше заложбата на локалната власт за  навремено детектирање и решавање  на проблемите со  кои се соочуваат жителите. Во насока на подобрување на образовниот процес најави континуирано обезбедување поволни услови за работа во училиштата на целата територија на општина Охрид.

– Потребата за реконструкцијата  и уредување на објектите во кои се изведува настава е повеќе од евидентна.  Грижата за образованието, слободно можам да кажам дека е на листата на приоритети на оваа локална власт – истакна секретарот Спасески.

На средбата беше договорено стручни служби на локалната самоуправа, заедно со менаџерските тимови на ЈП„ Градски Гробишта“ и ЈП „Нискоградба“ да го посетат училштето и да пристапат кон санација и тековно одржување  на објектот, се со цел создавање на нормални услови за работа.

OhridNews