Портпаролот на ОИШ ВМРО ДПМНЕ, Јованчо Секуловски, денеска на прес конференеција презентираше акценти од изборната програма на кандидатот на партијата. При тоа Секуловски истакна:

Основен предуслов за натамошен развој на туристичките потенцијали во Општината, како и зачувувањето на Охрид и Охридското Езеро на листата на УНЕСКО е вложувањето на максимални напори и користење на сите капацитети за заштита на животната средина. Затоа во нашата програма посебно внимание се посветува токму на оваа област. За обезбедување на здрава животна средина и чист Охрид во следниот четиригодишен период локалната власт предводена од Кирил Трендафилов-Нанче и ВМРО-ДПМЕ ќе ги спроведе следните точки:

Почитување на обврските како град заштитен од УНЕСКО преку изградба на мониторинг-систем и механизми за управување со проблемите од областа на екологијата;

Наша стратешка цел е Општина Охрид во најкус можен рок да стане општина без септички јами. Се разбира приоритет ќе биде ставање во функција на колекторот за отпадни води по целата планирана должина (Пештани до Струга). Приоритет ќе биде и целосното завршување на канализациониот систем во поголемите населени места.

Ќе се изработат најсоодветни системи за третман на отпадните води во с.Трпејца, с.Љубаништа и во Св.Наум. Ќе се посвети и посебно внимание на реката Черава која е значаен загадувач затоа што покрај речното корито во Албанија живеат 17.000 луѓе и таа мора да се мониторира и да се изнајде начин за нејзина заштита, се разбира во соработка со соседна Албанија.

Што се однесува до канализациски системи ќе ја комплетираме канализациската инфраструктура во урбаната зона на општината.  Ќе извршиме изградба и реконструкција на мрежа за секундарна атмосферска канализација. Ќе се врши најсоодветен третман на индустриските отпадни води (проверка на дозволите на индустриските субјекти согласно со законската регулатива). Ќе се доврши  канализациската инфраструктура во с.Велгошти, с.Пештани и с.Косел и тие ќе се поврзат со колекторскиот систем.  Ќе се изгради канализациска инфраструктура и пречистителна станица во селата Горно и Долно Лакочереј, с. Орман, с. Трпејца, с. Љубаништа и Св. Наум. Ќе се заврши изградбата на фекална канализација за с. Лескоец во соработка со Владата на Република Македонија.

Во соработка со Владата на Република Македонија ќе се изработи проект за интегрирано управување со отпад.

Ќе се набават канти и контејнери за отпад при што посебно внимание ќе се посвети на процесот на селектирање и рециклирање на отпадот. Ќе се изврши санација и дислокација на депонијата Буково – преку изградба на фабрика за рециклирање на отпад при што се бара најдоброто решение. Ќе го спроведеме проектот : „Нула толеранција за дивите депонии“. Проектот е замислен така што во секое населено место ќе се одреди локација кадеби можел да се депонира отпадот. Во ваквата акција ќе се вклучат сите фирми кои се занимаваат со ваквата дејност како и сите фирми и граѓани кои се во состојба да помогнат за целосна реализација на акцијата. По завршување на проектот ќе информираат граѓаните за преземените активности. После тоа инспекциската служба ќе врши редовна контрола, а во случај за непочитување на прописите ќе се спроведуваат законските санкции. Дивите депонии кои ја деградираат и животната средина и визурата на градот мора да станат работа на минатото.

Ќе направиме регулација и рехабилитација на сливот на Грашница и Коселска Река;

Ќе се прошири заштитата на Студенчишко блато. Тука е веќе направен пилот проект поддржан од Министерството за животна средина, но тој треба натаму да се проширува и да се спречи натамошната деградација на ова големо природно богатство и значаен филтер на водите на Охридско Езеро.

Ќе поставиме филтри на оџаците на поголемите објекти коишто користат централно затоплување.

Ќе се изработи нов ЛЕАП – локален еколошки акционен план прилагоден на новите сознанија и околности со многу поголемо вклучување на стручни лица и користење на странски искуства.

И што е најважно – Кирил Трендафилов-Нанче и ВМРО-ДПМНЕ ги даваат овие ветувања за да ги исполнат. Ги повикуваме граѓаните и медиумите постојано да не потсетуваат на нив – рече во излагањето на изборната програма на ВМРО ДПМНЕ, портпаролот на ОИШ, Јованчо Секулоски.