Градоначалникот на Струга Зиадин Села на прес конференција денеска презентираше повеќе документи со кои ги демантира обвинувањата во кривичната пријава за злоупотреба на службена должност, што против него ја поднесе СВР Охрид, а која го товари дека незаконски издал паркинг простор и легализирал имот на име на општината.

– Немам склучено договор со концесионер на паркинг на две години, туку на три месеци што може да се види од овој документ. Јавноста многу добро знае кој ги тргна паркинзите од јавните површини, односно од улиците. – рече Села.

Тој ги отфрли и наводите дека незаконски легализирал имот на име на општината кој бил под заштита како културното наследство.

-Се работи за зградата на ОУ „Браќа Миладиновци“ во кое настава следат ученици од сите етнички заедници, за која владата во 2005 година има донесено одлука да и се додели на општината. За тоа ние направивме легализација за да го внесеме објектот во кастар не на име на Зиадин Села, туку на име на општината. Се товарам дека сум легализирал објект под заштита, но еве ја одлуката на Управниот суд во Скопје со која се уважува жалбата на градоначалникот на општина Струга, а се поништува решението на Министерството за култура за прогласување на овој простор за културно заштитено подрачје. Дополнително во катастарот може да се види дека предметот, односно имотот бил чист за да се легализира. Го обвинуваат директорот на Управата за културно наследство, кого не го знам и прв пат му го читам името, само за да има ефект пријавата во јавноста. Управата дава согласност по наше барање во врска со легализација на објектот на општината. Господата од полиција треба да знаат дека за двата случаи и за паркинзите и за легализацијата на објектот има одлука на совет, која јас морам да ја почитувам. – истакна Села, додавајќи дека објектот на училиштето кој бил легализиран е внесен во катастарот. 

Села вели дека институциите на државата наместо да го гонат вистинскиот криминал, замижуваат пред доказите кои им ги доставила општина Струга во 2014 година за наводна нелегална легализација на имотот на универзитетот на поранешниот градоначалник Рамиз Мерко, кој, како што истакна актуелниот градоначалник, го легализирал земјиштето како за домување, а не за деловен објект, со што ја оштетил локалната самоуправа за стотици илјади евра. 

Според Села целта на кривичната пријава поднесена против него не е да се заштити јавниот интерес туку да се наштети на неговиот углед и на партијата која тој ја предводи. Села изјави дека при поднесување на кривичната пријава не се запазени законските процедури, посочувајќи дека тој и негови блиски соработници во локалната самоуправа подолг период се мета на сериозни закани но дека институциите на државата не преземаат ништо во врска со тоа.

-Серија закани по живот има против мене, секретарот на општината и мои соработници во изминатиот период затоа што сакаме да ставиме ред во Струга, но очигледно тоа некому не одговара. Лице осудено на 12 години затвор физички му се закани на секретарот на општината, а од Интерпол Албанија до полицијата во Македонија пристигна и предупредување дека се подготвува ликвидација на општинскиот секретар во Струга. Во декември убиен е роднина на секретарот на општината, а уште едно лице е рането, а во јануари на домашна адреса јас и секретарот на општината добивме писма со закани по живот. Се ова е пријавено во полицијата, но ништо не е преземено за да се расчистат овие случаи.-рече Села.

Градоначалникот на Струга истакна дека заканите и кривичните пријави имаат за цел да го заплашат, но тој нема намера да се повлече и да го промени начинот на работа, бидејќи смета дека е исправен и во интерес на граѓаните, додавајќи дека тие ќе стават крај на ваквите девијантни појави во општетството.

Г.М.