Не стивнуваат реакциите во огранокот на ДПА во Струга по одлукатана партиската централа да ја состави предлог листата за избор на пратеници во 5-та изборна единица, како што тврдат оттаму, без консултации со базата. Ова денеска го потврди членот на централното претседателство и актуелен градоначалник на Струга Зијадин Села. Според него предложената листа за пратеници која според најавите ќе ја предводи Зија Јонузи, може негативно да влијае на изборниот резултат на партијата на претстаојните предвремени парламентарни избори.

-Стојам зад секој збор на огранокот во Струга и ќе стоиме до крај на кажаното. Како член на партија можам да кажам дека ние сите тука сакаме да победиме и имаме услови и капацитет за тоа, што го покажавме на последните локални избори кога ги победивме сите партии. Сега треба да се надминеме себеси и пак да победиме и тоа е целта на огранокот на ДПА во Струга, нема никаква друга скриена цел. Ако некој сака да изгубиме ние нема да дозволиме тоа да се случи. Не се согласуваме со листите и не сме консултирани околу тоа.- изјави Зијадин Села.

Отворениот конфликт помеѓу струшкиот огранок и централата на ДПА во политичките кругови беше протолкуван како недоразбирање помеѓу градоначалникот Села и лидерот на партијата Тачи. Тој во изјава за медиумите истакна дека предложената листа за пратеници во 5 ИЕ е конечна и не може да се промени, бидејќи е донесена статутарно на Собрание на огранокот, а потврдена на Централното собрание на ДПА.

Шпекулациите во јавноста дополнително ги подгреа вчерашната средба на Села со американскиот амбасадор во Скопје, втора за еден месец, за која тој тврди дека е редовна и во рамки на предвидените активности на градоначалникот на Струга.

-Се среќавам постојано со амбасадори. Не само вчера, со амбасадорот на САД се видов и пред еден месец во Струга. Тоа се редовни средби.-рече Села.

Г. Момироски