Поранешниот гхрадоначалник на Струга и кандидат за пратеник од редовите на ДУИ, Рамиз Мерко во периодот кога го водел градот ја злоупотребил службената положба и во два наврати овозможил незаконска легализација на објекти од Меѓународниот универзитет, со што го оштетил буџетот на општината за над 70.000 евра. Овие обвинувања на прес конференција денеска ги изнесе градоначалникот на Струга Зиадин Села. Тој истакна дека внатрешната ревизија утврдила неправилности во два предмети за легализација на бесправно изградени објекти кои се дел од универзитетот.
– Со правилникот донесен од Советот на општина Струга легализација на деловен објект, а универзитетот е деловен објект, се врши по цена од 3200 денари за метар квадратен. Од друга страна господинот има направено легализација за индивидуален објект и направена е за 900 евра, што значи едно евро по метар квадратен.-изјави градоначалнот Села.
Градоначалникот Села изрази очекување дека надлежните институции ќе го испитаат случајот и ќе покренат соодветна постапка против прекршителите, посочувајки дека одговорност треба да сносат и службите во општината кои овозможиле да биде спроведена спорната легализација.
-Ова не е прв ваков случај. Истражните органи веќе се интересираат за повеќе други случаи поврзани со работењето на поранешниот градоначалник.-додаде Села.
Поранешниот градоначалник на Струга, Рамиз Мерко, во телефонски разговор ги отфрли обвинувањата на Села како неосновани и политички мотивирани.
-Тоа се шпекулации во функција на предизборната кампања за парламентарните избори. Подготвен сум да одговорам на обвинувањата доколку надлежните органи го побараат тоа, но нема да му одговорам на Села.-изјави Мерко.
Од Меѓународниот универзитет во Струга исто така ги отфрлаат обвинувањата. Сметаат дека тие се во функција на внатрепартиската борба во ДПА и го повикаа Села да не го инволвира универзитетот во политички игри. Од Меѓународниот универзитет денеска презентираа документи за извршена уплата кон локалната самоуправа со кои според високообразовната установа се разобличуваат изнесените обвинувања.
-Не е вистина ние имаме уплата за легализација на секој квадратен метар по 2100 денари цена одобрена од Советот на општина Струга која важи за цела територија на општината.-истакна проф. д-р Армин Кадриу –претседател на УО на Меѓународниот универзитет во Струга.
Кадриу го повика Села наместо, како што рече, неосновано да обвинува, да почне да работи на подобрување на состојбите во градот и условите за живот на околу 1000 студенти од странство кои придонесуваат за развој на локалната економија.
Г.М.