Актуелниот градоначалник на Струга и долгогодишен член на Демократската партија на Албанците Зиадин Села, му порача на Мендух Тачи доколку сака да ја поддржи новата влада, како што тврди,  да и ги отстапи освоените пратенички мандати на ДУИ, под услов да се реализираат барањата од интерес на Албанците од платформата на ДПА усвоена во 2009 година која предвидува формирање дводомен парламент и официјална употреба на Албанскиот јазик во целата држава. 

-Ако е одговорен и ако вистински и сака добро на оваа нација, ако е чесен и вистински работи за Албанците во Македонија, нека излезе и нека им ги даде сите седум мандати на ДУИ со барање во рок од шест месеци Албанскиот јазик да биде службен во целата држава. На ваков начин ќе успее и да им докаже на албанците дека ДУИ на крајот од краиштата за џабе ги бара тие 20 мандати, има 19, Тачи да им даде уште 7 и да им каже еве ви ги мандатите на сите Албанци и направете нешто за нив.-изјави Села.

Како што дознаваме, Тачи денеска престојувал во Струга, каде остварил средба со дел од симпатизерите на ДПА лојални на него. Минатата недела Села јавно побара тој да се повлече од лидерската позиција во партијата. Тачи пак, вчера, во изјава за медиумите истакна дека нема да поднесе оставка на барање на предавници и му посака ментално здравје на градоначалникот на Струга.  Во телефонска изјава Села рече дека наместо да се служи со дисквалификации, лидерот на ДПА треба да им објасни на гласачите што се случува со партијата.

– Не би сакал да коментирам лични навреди. Во политиката нема лично и порсонално, туку се работи за процес. Не знам од што се плаши господинот Тачи да го свика конгресот, да се плашиш од свои луѓе тоа не е транспарентност и одговорност пред своите гласачи кои го поддржувале 20 години. Во врска со тврдењата за предавство, не е никакво предавство да бараш од претседател на партија да биде отворен и транспарентен пред своите гласачи. Кога влегува и излегува од Владата на Македонија гласачкото тело треба да знае за што се работи.-рече Села.

Тој вели дека најважно од се е да не се предадат членовите и активнистите на ДПА, но се сомнева во намерите на лидерот.

-Не може во нечисти игри целиот ангажман на активистите да го искористи само еден човек за да прави пазар со било кој во државата. Тие се чисти гласачи кои и сакаат добро на партијата и лидерот на ДПА мора да даде отчет и да биде одговорен кон нив.-додаде Села.

Поради несогласувања со претседателот на ДПА околу составувањето на кандидатската листа за пратеници во 5та изборна единица, струшкиот огранок ги замрзна своите активности за време на изборите во „петката“ каде ДПА не освои ниту еден пратеник.

Г. Момироски