Општина Струга остро се спротиставува на донесувањето по скратрена постапка на Предлог законот за дополнување на законот за градежно земјиште кој се однесува на плажите, а со кој се уредува начинот на издавање под концесија на истите и на постоечките концесионери им се дава можност за продолжување на закупот.
Градоначалникот на Струга Зиадин Села на прес конференција вчера, изјави дека со донесувањето на овој закон се штити урбаната мафија и ги обвини пратениците од владејачкото мнозинство и институциите за соработка со мафијата.
-Имајќи предвид што е предвидено внатре во законот треба овој закон да гласи Закон за заштита на урбаната мафија. Повеќе од јасно е дека урбаната мафија има длабоки корени во собранието на РМ затоа што сите тие што се потписници на овој закон и сите тие што гласале за овој закон не заслужуваат да се именуваат како пратеници, туку тие се соработници на урбаната мафија и сега имаме и парламентарна мафија. И не се само тие туку со нив соработуваат и институциите, но од друга страна морам да констатирам дека има и соработници внатре во општината како што се градежните инспектори кои по закон се независни во нивното работење.-изјави Села.
Струшката локална самоуправа претходно најави дека ќе ги урне сите објекти изградени на плажите и истите ќе ги направи слободни, но тоа не се случи бидејќи судот донесе времена мерка и ги спречи дејствата на општината.
-Судовите и повеќе од два месеци не ги потпишуваат решенијата за да се отсранат тие диви објекти од плажата. Еве јавно јас ги повикувам уште денеска да ги потпишат решенијата додека не е донесен законот јас да расчистам со плажите за истите да им се вратат на граѓаните, за да го зачуваме ова богатство кое ни е дадено од природата и да го зачуваме биодиверзитетот на Охридското Езеро.-рече Села.
Тој најави дека законот ќе биде оспорен, а општината за случајот ќе го извести УНЕСКО, како и странските амбасади во земјата.
 
OhridNews