Се што ветив дека ќе направам за првите 100 дена од моето владеење исполнив, работам транспарентно и во интерес на граѓаните и така и ќе продолжам, изјави градоначалникот на Струга Зијадин Села на прес конференцијата по повод првите сто дена од неговиот мандат.

Ветив дека главната градска сообраќајница ќе ја напревам двосмерна, ќе ги тргнам паркинзите од улиците и ќе го расчистам шеталиштето покрај Дрим од металните огради. Многумина беа скептици дека тоа не може да се направи, но јас тоа го направив не за првите 100, туку за првите 30 дена.-изјави Села.

Тој посочи дека промената на режимот на главната градска улица била направена без соодветна сообраќајна студија и дека имало отпор за нејзино пренаменување во двонасочна сообраќајница, а слична е состојбата и со паркинзите, кои општината ги одзеде од концесионерите, но сега судот им ги враќа назад.

-Во изминатите 4 години не е влезен ниту денар од концесионерите во општинската каса, затоа што фирмите кои управуваат со паркиралиштата се гасат и се отвараат нови. Нема соодветна сигнализација, каса, нема ценовници, но судот им ги враќа паркинзите во владение на концесионерите, затоа што во договорите кои минатата власт ги склучила со нив единствен услов кој треба да го задоволат за да стопанисуваат со јавниот простор за паркинг е да ја уплатат концесијата и ништо друго. Не ми е јасно како судот враќа паркинзи таму каде што е направен очигледен криминал.-рече Села.

Градоначалникот на Струга истакна дека наследил големи долгови за репрезентација и други неплатени услуги од минатата локална власт кои по неговото доаѓање се десеткратно намалени, а приходите во општинската каса биле зголемени.

За репрезентација од први до четврти месец оваа година биле потрошени 1,18 милиони денари, а од 5-7 месец 115.000 денари. Наплатата на данокот на имот од 1-4 месец изнесуваше 7,2 милиони денари, а од 5-7 месец наплатено е 12,18 милиони денари, наплатата на комуналната такса во првите 4 месеци од годинава изнесува 405.000 денари, а од 5-7 месец 873.000 денари, истакна Села.

Тој рече дека наследил неорганизирана администрација, без одговорни лица во секторите, бидејќи според систематизацијата на поранешната локална самоуправа шеф на одделение или сектор можел да биде само магистер.

-Ние не сме академска средина па да биде потребно некој да е магистер за да раководи со оддел. Се знае зошто е тоа направено и кој имаше факултет, се беше во функција на еден човек и неколкумина околу него, но така повеќе во локалната самоуправа во Струга не се работи.-изјави Села.

Тој ги наброја реализираните проекти и инфраструктурни зафати во општината, санацијата на фонтаните во градот, воведувањето на тросменско работење во јавното комунално претпријатие и подобрување на хигиената и проектот за санација на градските коловози. Притоа тој најави дека ќе се санираат сите ударни дупки во градот и тоа согласно стандардите, а потоа следат улиците во населените места во целата општина. Исто така ќе се гради кружен тек на крстосницата која води за Дебар и Ќафасан каде се случуваат голем број несреќи, иако тој сектор е во надлежност на државните институции, ќе се подобри хоризонталната и вертикалната сигнализација и повеќе други сообраќајни решенија кои ќе го растоварат сообраќајот во градот пред почетокот на наредната туристичка сезона.

Села се пожали на опструкции од централната власт, но рече дека не отстапува од намерата за промена на сите директори во училиштата во општината бидејќи се воочени очигледни прекршувања на законот. Тој истакна дека Централниот регистар не ги верификува потписите на новите директори, а просветниот инспекторат ги разгледува предметите само на сменетите директори.

-Кога не функционираат законите, функционира нешто друго, но јас не би сакал да дојде до такво нешто, предупреди Села.

Во врска со работата на Советот, тој рече дека иако се уште не е избран претседател, институцијата непречено функционира и носи одлуки од интерес на граѓаните. Тој додаде дека проблемите во советот се должат на тоа што не се донесени статут и деловник за работа, состојба која се провлекува години наназад.

Горан Момироски