Мендух Тачи да си замине од функцијата претседател на Демократската партија на албанците – ДПА, бидејќи очигледно e дека тој не може да и донесе изборна победа на партијата, побара во име на струшкиот огранок актуелниот градоначалник Зиадин Села.
-Тачи треба да си замине од ДПА не дека тоа е моја желба, туку тоа народот го кажува и тоа не само на овие избори, во повеќе циклуси. Нема надеж дека некој ден ќе се сменат работите и ние ќе успееме да победиме, бидејќи се гледа дека овој народ гласа само против Тачи.-рече Села.
На прес конференцијата што се одржа во седиштето на огранокот, Села го обвини Тачи за непочитување на одлуките на партијата да се гласа на изборите за претседател само за кандидат Албанец.
-Тој треба да даде отчет со која одлука си зеде за право да гласа за претседател и во вториот круг на избори. Од друга страна треба да даде објаснување како се случи тоа на парламенатрните и претседателските избори да изгуби од ВМРО ДПМНЕ во Тетово.-истакна Села.
Тој го предупреди Тачи да не се осмелува да влезе во новата влада доколку нема намера да го реализира Договорот за подобрување на правата на албанците понуден од ДПА во 2009 година, посочувајќи дека за евентуалното учество на партијата во идната влада што ќе ја составува ВМРО ДПМНЕ треба да се одлучува на Конгрес.
-Ако Мендух Тачи во првите 100 дена од владата го реализира барањето за дводомен парламент и за рамноправна распределба на државниот буџет, уште веднаш нека влезе во владата, ако не да не се осмелува да влезе во неа.-додаде Села.
Несогласувањата помеѓу струшкиот огранок и претседателот на ДПА Мендух Тачи започнаа околу составувањето на кандидатската листа за пратеници во 5та изборна единица. Огранокот на ДПА незадоволен од персоналниот состав на листата ги замрзна своите активности за време на изборите што резултираше со неосвојување на ДПА на ниту едно пратеничко место во „петката“.
Г.М.













