Во едно деноноќие официјален Белград преку министерот за надворешни работи Никола Селаковиќ, од Охрид испрати две силни пораки изразувајќи голема почит кон соседна Македонија, македонскиот народ, неговата култура, јазик и традиција.
Одговарајќи на новинарско прашање по отворањето на конзулатот на Република Србија во Охрид, а во врска со односот на Република Бугарија кон Македонија, Селаковиќ истакна оти како министер за надворешни работи на Република Србија има задача водејќи се од насоките поставени од надворешната политика на земјата, претседателот Вучиќ и Владата на Србија, да ги зајакнува добрите односи со соседите.
Наш сосед е и Бугарија, наш сосед е и Република Северна Македонија. Секој го избира својот пат. Србија го избра патот на јакнење на заедништво, јакнење на соработката, јакнење на што поголема економска соработка. Овде денес беше присутен и претседателот на Комората на Србија и ние ќе продолжиме да се однесуваме така. Ние се грижиме за нашите проблеми, си ја работиме нашата работа, а другите нека си ги вршат своите работи, рече Селаковиќ.
Во однос на неговото вчерашно обраќање на фестивалот „Охридско лето“ на македонски јазик, повторно потенцираше дека нема култура без јазик.
Минатата година Македонија ја одбележа 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески и во знак на почитување кон тој голем јубилеј, кој е значаен за братскиот македонски народ, во знак на почит кон моите пријатели – домаќини од Република Северна Македонија, охриѓанките и охриѓаните, јас вчера на „Охридско лето“ се обратив на македонски јазик. Знам колку е тоа убаво кога некој ќе ви дојде на гости од друга земја и на тој начин покаже почит. Но, со тоа покажувам дека не само што ги почитувам домаќините, туку и македонскиот јазик и македонската култура, која тој јазик го изнедри. Во таа смисла и како Република Србија и како Србин кој има многу пријатели, кумови, соработници коишто се по потекло од Македонија, кои се Македонци и Македонки јас сум горд на тоа наше пријателство. Всушност, ценејќи го и почитувајќи го јазикот како темел на културата дојдов овде не само да го отворам нашиот Конзулат, туку и да покажам почит кон своите домаќини, додаде Селаковиќ.
Н.С.Ј.
Селаковиќ: „Охридско лето“ ја слави културата, а културата не е култура ако зад неа не стои јазик












