И покрај надежите дека во текот на вчерашниот ден ќе се обезбеди снабдување со електрична енергија барем во пониските села во општината, до тоа не дојде.
Градоначалникот на општина Дебрца, Љупчо Којчиноски, вели дека е во постојан телефонски контакт со надлежните во ЕВН Македонија, но засега нема информација кога настанатите дефекти , ќе бидат отстранети.
– Ваквата состојба доведе до целосно блокирање на животот во овие села. Два дена не работат општината, подрачните паралелки на основното училиште “Дебрца”, амбулантите за примарна здравствена заштита, а поштенскиот и телефонскиот сообраќај се во прекин. Дополнителен проблем претставува новиот снег кој интензивно паѓа од синоќа, како и нередовното чистење на снегот на Регионалниот патен правец село Ботун-село Брежани и на магистралниот пат М4, во делот на општина Дебарца од страна на зимските служби на ЈП “Македонија пат”, што доведува до исклучително отежнатото движење на сообраќајот, објаснува градоначалникот Којчиноски.
Тој додава дека причината за прекинот со напојување со електрична енергија засега не е познат, но апелира до надлежните служби на ЕВН конечно да го решат проблемот со нормалното снабдување со електрична енергија за овие села.
Којчиноски вели дека револтираните граѓани најавуваат и тужби за надомест на претрпената штета против ЕВН ЕСМ.
Во селата во Дебрца живеат околу 3500 жители.