„Фудбалската репрезентација на Македонија со доаѓањето на Чедомир Јаневски игра модерен фудбал“, се вели во најавата на интервјуто кое селекторот го дал за официјалната интернет страница на Европската фудбалска унија (УЕФА).


Авторот констатира дека за помалку од шест месеци Јаневски успеал да направи стабилен тим и квлификациите за пласман на Светското првенство во Бразил да ги започне со четири бодови во А групата. Победата над Србија и ремито во Шкотска за селекторот биле доказ дека тимот чекори кон врвот.

„Јас навистина мислам дека имаме некои навистина квалитетни фудбалери, бидејќи тие играат во квалитетни европски првенства – како Пандев кој е во Италија, Тричковски во Белгија, Попов во Англија, Новески во Германија и Ибраими кој со Марибор е шампион во Словенија. Ние исто така имаме и добри млади играчи чие време доаѓа. Мислам дека на теренот имаме спој на младост и искуство“, изјавил Јаневски во интервјуто за „uefa.com“.


Јаневски, во август минатата година, на селекторската функција го наследи Џон Тошак, многу брзо ја пренел својата филозофија врз фудбалерите, а сега тој се обидува за прв пат да ја однесе Македонија на едно големо натпреварување.

„Мојот план беше да се промени досегашниот стил на игра и да започнеме да репродуцираме модерна игра и покрај тоа што нашата група е многу тешка. Имаме добра организација, дисциплина во играта, ние дефинитивно повеќе не играме дефанзивно, ние сега играме офанзивен фудбал“, рекол македонскиот селектор.

Јаневски, со своите избраници, квалификациите за настап на Мундијалот ќе ги продолжи во март, со двомечот против Белгија, претходно како подготовка за тој меч, Македонија, на 6. февруари ќе одигра контролен натпревар со Данска.

“Макфакс“