Оваа власт ги контролира сите полуги на власта, ја контролира законодавната власт, ги контролира медиумите, го контролира судството, го контролира бизнисот, практично контролира сè и во таква ситуација, во ситуација кога властите меѓу себе не можат да се контролираат, тогаш престанува да функционира демократијата и се воспоставува еден хибриден систем на демократија, а тоа се вика авторитаризам. Мислам дека во Македонија токму тоа се случува, изјави претседателот на Здружението на новинари на Македонија, Насер Селмани, во неделното интервју на Радио Слободна Европа, пренесува „Макфакс“. 

„Затоа е толкава упорноста на владата за контрола на медиумите, затоа што кога медиумите би биле надвор од владината контрола, тогаш ќе се открие другата приказна- дека владата ги контролира другите институции и затоа сакаат да ги поклопат практично сите инструменти со кои на јавноста сакаат да пратат една розова слика за Македонија“ вели Селмани.

За него е нејасно зошто владата испрати полиција вооружена до заби на протестот на новинарите.

„Не знам зошто некој од Македонија сака со сила да наметне впечаток дека во Македонија се владее со цврста рака, дали таа порака е пратена кон светот или кон нас. Јас мислам дека владата веќе не ја интересира што мисли светот за нас, мислам дека таа демонстрација на сила беше наменета за нас новинарите, меѓутоа не само за новинарите, туку и за сите граѓани во Македонија. Мислам дека тоа прераснува во систем на владеење, што прво не е добро за нив, а после не е добро и за нас, се разбира, меѓутоа очигледно некој има поинакви математики во главата“ вели Селмани.

Во врска со случајот Кежаровски, тој истакнува: „Пораката е јасна. Секој новинар што ќе се обиде да истражува некоја злоупотреба на власта и ќе ја објави, ќе биде санкциониран и ќе заврши во затвор. Пострашна порака од тоа мислам дека нема. Мислам дека случајот на колегата Кежаровски е типичен пример на нефункционирањето на судската власт“

Пресудата за Кежаровски, според селмани, е изречена без да се има каков било обѕир за Европската конвенција за човекови права и судската пракса од судот во Стразбур.

OhridNews
извор:„Макфакс“