Булеварот ,,Железничка” во Охрид, во иднина нема да претставува опасност за возачите и минувачите, бидејќи ќе добие соодветна вертикална сигнализација, која побезбедно ќе го регулирала сообраќајот. Според Развојна програма за изградба на сообраќајна сигнализација за 2016-2018 година која ја изготви општина Охрид, на крстосниците со улиците „Кленоец“ и „Егејска“ планирано е да бидат поставени семафори.
-Ќе бидат поставени семафорите кои беа демонтирани при изградба на кружната крстосницата помеѓу булавар „Туристичка“ и „Македонски Просветители“ и семафорите кои ќе бидат демонтирани кога ќе се изгради кружната крстосница помеѓу булаварот „Туристичка“ и улицата „Јане Сандански“, инфомира Љупчо Танески од Секторот за комунални дејности, сообраќај и улици, при општина Охрид.
Тој објаснува дека работните активности за поставување на семафорите на булаварот „Железничка“ ќе се реализираат откако ќе завршат сите градежни работи за изградба на кружните крстосници на булевар „Туристичка“.
Причината за поставување на семафорите е големата фреквенција на возила на овој булевар, кој најчесто се користи како обиколница на градот.
-Анализата на нашите стручни служби покажа дека на крстосниците со улиците „Кленоец“ и „Егејска“ нема голема прегледност за минување и често пати се случуваат сообраќајни незгоди. Со поставување на семафорите значително ќе зголеми безбедноста и на возачите и на пешаците, појаснува Танески.
Освен поставување на семафори, во рамки на Програмата за сообраќајна сигнализација предвидени се и средства за поставување нови сообраќајни знаци на улиците низ Охрид, за набавка и поставување на сверни огледала, за изготвување на систем за регулирање на сообраќајот во стариот дел на градот како и за замена и одржавање на сообраќајни знаци.
Е.М