Во куќа која е во многу лоша состојба, со кров кој поради обилните дождови и ветер е оштетен и низ истиот тече вода внатре во собите, надвиснати греди од кои постои секојдневна опасност, без струја поради моменталната ситуација, на улицата „Климентов Универзитет“ бр. 69, живеат 57-годишната охриѓанка Јулијана Ѓорѓиовска, невработена, самохрана мајка, со својот 22-годишен син.

Вели куќата е стара, ама како така во неа живееле до сега. Но, сега веќе не постојат реално услови, живеат во студ и влага, а доаѓа и зимата. Жената боледува од анксиозност, проблеми со притисокот, по тешката животна приказна во која губи за жал повеќе членови од семејството и останува потполно сама со своето дете. Таткото вели воопшто и го нема видено својот син изминатите 22 години, тој воопшто и не постои во нивниот живот. Нема роднини, нема пријатели од кои може да побара помош.

Немам ни мајка, ни татко, ни брат, ни сестра, никој кој да ми помогне. Зима доаѓа, каде ќе живееме? Не знам. Многу ми е тешка ситуација. Барам некаде да бидеме сместени за да се санира ова се. Од дождот, од ветрот, куќата е стара, попушти. Од јужната страна, од југот како што дуваше, чатијата се скрши и таваните се испаднати и водата тече внатре. Живееме во влага и во вода, со чизми и со јакни дома. Во сите три простории, во сите е кровот попуштен, вели Ѓорѓиовска.

Посочува дека се обратила до општината за помош од каде чека повратен одговор, како и до дел од институциите од каде, пак, добила негативен одговор.

Немам никој кој може да ми помогне. Апелирам до сите граѓани, до установи да ми се помогне. Да не сместат некаде. Студи. Во моментов и струјата не ја уклучуваме, ни е страв да не се направи проблем. Пукна тука кај сијалицата кај што тече вода. Кога ќе немаш кров над глава многу е тешко, додава Ѓорѓиовска.

Семејството апелира до сите хумани луѓе да им помогнат.

Н.С.Ј.
Фото. А. Момироска