Семејството на 37 годишната родилка Фатиме Бајрами која почина од компликации во последната фаза од бременоста на клиниката за гинекологија во Скопје, обвинува дека причина за несаканиот исход е лекарска негрижа.

Блиските на несреќната родилка од чија утроба бил изваден мртов плод, што се смета за причина за нејзината смрт, тврдат дека сега почината во текот на бременоста правела прегледи кај приватен гинеколог во Струга. Кажуваат дека  неколку дена пред да почине таа се жалела на силни болки и затоа повеќе пати отишла во охридската општа болница на одделот за гинекологија. Наводно откако била прегледена и било речено дека е се уште рано за породување и да се јави после 4 дена. Три дена подоцна таа почина, велат роднините. Додаваат дека таа побарала да биде породена со царски рез бидејќи имала неиздржливи болки, но молбата не и била прифатена. Следниот ден била упатена за Скопје каде починала.

Од ЈЗУ Општа болница Охрид изразуваат сочувство до семејството на починатата. Велат дека во случајот било постапено согласно протоколите, а фаталниот исход уследил поради состојбата во која се довела пациентката.

  • Во врска со пациентката која беше примена во Гинеколошко акушерскиот оддел, сакаме да ве информираме за целокупниот третман од наша страна, со цел да ги отфрлиме лажните гласини за овој случај. Пациентката во два наврати во претходниот период се јави на Гинеколошко-акушерскиот оддел при ЈЗУ Општа болница Охрид, каде се извршени неопходни прегледи за трудница во последен триместар од бременост по протокол  и со уредно документирани записи од прегледи. Пациентката не поседуваше мајчинска книшка во која се евидентираат прегледите и испитувањата што треба да се направат кај матичен гинеколог во текот на бременоста, а кои се неопходни за водење здрава бременост. Самата пациентка се произнесла дека не посетувала матичен гинеколог поради лошата социо-економска состојба. На ден 31.03.2020 година во 01 часот по полноќ, забележала истекување на жолто-зелена течност проследено со болки. И покрај дадениот совет од страна на доктор специјалист, доколку добие или почувствува болки, крварење и истекување на течност итно да се јави на одделот, што е заведено во медицинскиот извештај, пациентката не се јавила до наредниот ден кога со услтразвучен преглед било констатирано дека нема срцева акција на плодот. Истиот ден е извршен преглед на гинеколошкиот оддел и конзилијарно е одлучено поради екстремната обезност, состојба после претходниот царски рез, висок крвен притисок, неконтролирана бременост и очекувани компликации при евентуалното породување во нашата установа, да се изврши транспорт од наша страна до терцијална установа, протоколарно со медицинска екипа и возило на ЈЗУ Општа болница. –  се вели во соопштението на Општата болница Охрид.

Починатата родилка зад себе остави две малолетни деца на 3 и 6 годишна возраст.

OhridNews