Сиромашното семејство Митреви за кое OhridNews неколкупати пишуваше, веќе месец дена преноќува во импровизираниот дом направен од дрвени штици и стари килими. Откако во октомври минатата година трошната колиба ја заменија со топли соби во куќата на дедо Стојан, на почетокот од минатиот месец договорот за закуп под ќирија им истече.

Без струја, вода и греење, односно без никакви основни услови за живот, Митреви кои се наоѓаат во исклучително тешка социјална состојба со три малолетни деца, бараат  институциите да им излезат во пресрет и да помогнат во изнаоѓањето соодветно решение за нивно сместување.

„Веќе месец дена сме тука. До сега, никаква помош немаме ниту добиено ниту видено. Живееме во импровизирана колиба. Обично кошарче со теписи, полно со влага. Без струја, канализација и вода.“ – вели Ацо Митрев.

Како што појаснуваат членовите на ова семејство, веќе неколку денови волците од околната планина доаѓаат во близина на нивниот  импровизиран дом во потрага по храна.

Неколку вечери не сме спиени, а волците слегуваат тука кај далноводот, на неколку метри од нас. Навистина не знаеме што да направиме. Немаме ниту дрва за огрев, ниту финансии, ниту основните услови за хигиена. Немаме ниту што да јадеме.“ – објаснува Ацо Митрев.

Тој ги повикува надлежните институции да излезат на терен и да проценат дали постојат основни услови за живот во импровизираниот дом од штици и дрва.

Го замолувам градоначалникот Никола Бакрачески да ги упати надлежните тука, за да да видат како се живее во оваа колиба. Ако може нешто да помогне околу сместување. Немаме никаков излез, немаме ниту каде да одиме. Во општината бев неколкупати, а оттаму ме упатуваат во Центарот за социјална работа. Но тие немаат надлежност за овој проблем.“ – вели Митрев.

Неодамна, две од трите малотени деца на ова семејство се привремено сместени и згрижени во домовите во Битола, односно Кавадарци. Како што објаснува Митрев, децата ќе бидат вратени на родителите откако тие ќе го решат егзистенцијалниот проблем со кој се соочуваат.

Ве молам вас, надлежните и хуманите граѓани да ми помогнат што побргу, бидејќи остануваме под отворено небо. Бараме некој квадрат, да не умираме на дождов и ладново. Не барам ниту палата, ниту место во центар. Нека биде соба во периферијата, земјиште или дел од куќа каде ќе има струја и вода.“ – објаснува Митрев.

Минатата година, по сторијата што ја објави OhridNews, Македонската православна социјална служба од Сиднеј, Австралија, донесе помош за петчленото сиромашно семејство, обезбедувајќи им топол дом. Во хуманата акција се вклучија свештеникот Ромео Петрески, парох во црквата Св. Троица во населбата Радојца Новичиќ во Охрид, како и Лајанс клубот Лихнидос, кој донира вредна помош во облека, обувки, брашно, масло, апарати за домаќинство и друго.

Деновиве температурите се во опаѓање, а веќе сме на почетокот од зимата. Доколку никој не им помогне, Митреви не знаат како ќе преживеат и како ќе им овозможат услови на своите деца за нормален живот.

O.T.