Ваквата одлука членовите на семејството донеле бидејќи биле незадоволни од процесот кој се води во Основниот суд во Прилеп, каде вчера беа изнесени завршните зборови.
За братот Ненад, сопругата Александра и мајката Јулијана несфатливо е како е можно да исчезнат сите докази за убиството и никој од дваесетината сведоци не знае, не видел или не памти како Дејан бил претепан до смрт. Според нив, Обвинителството било незаинтересирано да ја застапува тужбата за време на целиот процес.
– Изненадена сум од постапките на Обвинителството. Очекував приказната да се одмотува во судот и дека ќе има суштински прашања, изјави Јулијана Зубовиќ, мајка на убиениот српски турист, која предвреме го напушти вчерашното рочиште. Таа беше револтирана од смената на квалификацијата на обвинението од „свирепо убиство“ во „учество во толпа“ што се случи на минатото рочиште.
Предраг Ќириќ, правен застапник на семејството Новаковиќ побара одговорност од надлежните институции, кои, како што рече лошо го воделе случајот.
– Новото обвинение е резултат на една реалност, а тоа е недостаток на докази за претходното обвинение со кое обвинетите беа теретени за свирепо убиство, меѓутоа таа реалност е последица на исклучително лошо завршена работа, пред се од страна на еден дел од охридската полиција, јавното обвинителство Охерид и истражен суд Охрид. Очекувам надлежните да побараат одговорност за тие кои ги спомнав, изјави Ќириќ.
Обвинителството во завршните зборови побара обвинетите Митре Костоски, Илче Јоноски и српскиот државјанин Драган Ѓорѓевиќ кому му се суди во отсуство да се прогласат за виновни и најстрого да се казнат, додека четврто обвинетиот Ѓоко Наумоски да биде ослободен од притвор до правосилноста на пресудата.
Одбраната на прво обвинетиот Митре Костовски побара тој да биде ослободен од обвинението и да биде пуштен од притвор, затоа што доказите од видео материјалот покажале дека тој не учествувал во толпата која го сторила кривичното дело.
Пресудата на убиството на Новаковиќ ќе биде соопштена на 14-ти јули.
извор: „Макфакс“, Тв Телма