Едукативно-координативен собир за планинско спасување на кој учествуваа претставници од речиси сите организации членки на Националниот сојуз за планинско спасување се одржа на неколку локации во Национален парк Галичица.

Домаќин на настанот беше Алпинистички клуб „Патагонија“-Охрид, во соработка со Планинската Спасителна Служба при Црвен крст Охрид.

Фокусот на собирот беше усогласување на стандардите за имобилизација и транспорт на повредени лица на нетехнички планински терен, во согласност со препораките на ICAR – Меѓународната комисија за алпско спасување. Со оваа активност започнува важен двегодишен процес за адаптација на националните стандарди според меѓународните практики, сертификација на спасувачите и примена на современа опрема и техники за ефикасно и безбедно изведување на спасувачките операции, посочуваат од АК „Патагонија“.

Особено значајно е што за време на настанот беше формализирана соработката помеѓу Националниот сојуз за планинско спасување (НСПС), Македонската алпинистичка федерација (МАФ) и Македонската асоцијација за интернационални водичи во планина (МАИВП), преку потпишување на договор за стратешко партнерство. Со тоа, трите организации се обврзаа на заедничка работа за унапредување на спасувањето и безбедноста во авантуристичкиот туризам и планинските спортови.

На собирот присуствуваа спасувачи и претставници од Охрид, Скопје, Струмица, Штип, Кочани, Велес, Тетово и Вевчани, како и официјални претставници од МАФ и МАИВП. Иако чекорите кон унапредување се јасни и силни, и понатаму останува отворено прашањето за институционална поддршка од страна на државата. Интензивно се работи на изнаоѓање соодветно решение, во согласност со европските практики, за конечно воспоставување на функционална и ефикасна Планинска спасителна служба на национално ниво, посочуваат од клубот.

Активноста, додаваат, беше финансиски поддржана од Државна видеолотарија на Македонија и Casinos Austria кои ја покажаа општествената одговорност.

OhridNews