Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), во пресрет на најавените измени на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, цврсто останува на ставот дека е потребно да се елиминира какво било влијание на државата врз процесот на саморегулација во медиумите.
-Ефикасното функционирање на саморегулацијата во медиумите исклучува каков било облик на сместување на професионалните новинарски стандарди во законската рамка и воведување санкции кон медиумите за нивното непочитување. Кога станува збор за етичкото и професионално известување ниту една влада и политичка партија не треба да одлучуваат во име на медиумите. Во таа насока, СЕММ се спротивставува на Предлог -измените на членот 61 во Нацрт-законот за изменување и дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, кој се однесува на начелата и стандардите во работата на радиодифузерите, како и на измените во член 145 со кои се предлага изрекување казни доколку професионалните стандарди не се почитуваат. Во околности во кои саморегулацијата во медиумите во државата постепено започна да се прифаќа и се’ повеќе да се поддржува работата на Советот за етика во медиумите, поставувањето какви било препреки од страна на Владата на тој пат и маргинализирањето на работата на Советот ќе резултира со намалување на одговорноста кај самите медиуми и поддршка на праксата на цензура и самоцензура. – смета СЕММ.
СЕММ истакнува дека на саморегулацијата не треба да и’ се дава второстепено значење, туку да биде еден од приоритетите во постигнувањето промени и реформи во работата на медиумите.
OhridNews