Сенатот на универзитетот за информатички науки и технологии Св. Апостол Павле, на итна седница вчера го разреши ректорот Нинослав Марина, со образложение дека истиот не бил избран согласно закон и нередовно ги извршувал работните обврски, информираше членот на сенатот проф. д-р Рубин Земон. Сенатот ги разреши и проректорите Братрислав Станковиќ и Тони Стојаноски. Сенатот тврди дека Марина бил назначен за ректор во период кога тој немал звање редовен професор, кое подоцна го стекнал на универзитетот на Штип, поради што неговиот избор е незаконски.

– Врз основа на Статутот, ректор на универзитет во цел свет може да биде само лице со звање редовен професор, тука не може да има прескокнувања. Проблемот е што Марина во Штип е промовиран од титула насловена доцент за редовен професор на 1 август 2012, односно откако тој веќе е назначен за ректор, што е спротивно на законот, изјави претседавачот на Сенатот Рубин Земон.


Тој упати повик до Министерството за образование да го укине изборот на д-р Нинослав Марина за редовен професор, најавувајќи дека очекува набрзо одлуката на универзитетскиот сенат да ја потврди и Централниот регистар. Во меѓувреме со универзитетот ќе раководи привремена управа.

Членовите на сенатот, во кој партиципираат и странски професори побараа државата да ја почитува автономијата на високобразовната институција и да го провери финансиското и целокупното работење на управата, која како што беше речено, нередовно ги исплаќала примањата на професорите од надвор, а доцнеле и стипендиите за студентите од странство.

-Универзитетите мора да се целосно одвоени од политиката, власта. Раководството универзитетот мора да го избира самостојно. Оттаму апелирам до надлежните институции да ни дозволат да раководиме со Универзитетот на најдобар можен начин, на чисто академски начин без мешање на политиката.-рече Проф. д-р  Илан Садех.


За случувањата со соопштение реагираше Универзитетот, во кое се вели дека е извршен обид за упад на УИНТ „Св. Апостол Павле“.

-Во изминатите 24 часа група вработени на УИНТ се обидоа да извршат неовластен упад во работењето на Универзитетот. По пријава од Ректорската управа, Државниот прсветен инспекторат изврши вонреден надзор над работењето на Универзитетот и со свое решение ги поништи сите нивни незаконски дејства.

Состојбата е редовна, а Ректорската управа продолжува со реализација на зацртаната програма. Во тие рамки, Ректорот Нинослав Марина вчера во кабинетот на Претседателот на РМ, Д-р. Ѓорге Иванов, потпиша Меморандум за соработка со Универзитетот на Истамбул. Овој Универзитет е најголема и настара високо-образовна установа во Република Турција. Освен можност за размена на студенти, Меморандумот предвидува и изработка на заеднички предлог-проект за изградба на технолошки парк во Република Македонија во вредност од 30 милиони Евра. За нашата држав, пак, ова значи отварање на голем број стартап компании, а со самото тоа и нови работни места. – стои во соопштението.

Рагираше и Државниот просветен инспекторат од каде информираат дека денеска е извршен вонреден инспекциски надзор на Универзитетот за информатички науки и технологии ,,Св. Апостол Павле” во Охрид и е  донесено е решение за поништување на последната седницата на сенат одржана на 12.03.2013 поради прекршување на Законот за виското образование и Статутот на универзитетот.

Г.М.