Почетокот на учебната година ги исполни и книжарите низ градот. Се купуваат тетратки, моливи, пенкала, работни тетратки, ранци за носење книги.
Родителите коментираат дека септември е еден од најтешките месеци во однос на трошоците кои се прават за купување на потребниот училишен материјал, што сериозно се одразува на ионака скромниот семеен буџет.
– Се разбира олеснување е што на учениците им се доделуваат бесплатни учебници, но од наша страна мора да се купи останатиот прибор кој му е потребен на детето за во училиште. Најголем трошок е купувањето на ранците , но мора да се земе во предвид дека како што растат децата секоја година неопходно е и да им се купуваат и патики, облека . Навистина тешко е да се подмират сите трошоци, а уште потешко е ако во семејството имате двајца ученици, тогаш трошоците се дуплираат, едвај се покриваат со една месечна плата, се жалат родителите.
Од охридските книжари информираат дека цените на училишниот прибор се исти како и минатата година. Најниската цена по која можат да се купат тетратките е 15 денари, блоковите 20 денари, приборот за ликовно воспитување од 90 денари .
– Иако претставува голем издаток за родителите набавката на потребниот училишен прибор, годинава може да се забележи дека поголемиот број од нив сепак се одлучуваат за купување на поскапи тетратки , моливи, пенкала затоа што коментираат дека е подобро еднаш поскапо да платат за поквалитетни тетратки, отколку трошокот подоцна да го дуплираат ако купат прибор кој е со пониска цена, но и со понизок квалитет. Исто се случува и кога се купуваат ранци. Најчесто се купуваат поскапите, анатомски , кои децата ќе можат да ги користат повеќе години, вели Димитар Саков , раководител на продавницата „Просветно дело“.
Цената на училишните ранци во охридските продавници се движат од 1300 до 2800 денари.
Во однос на работните тетратки Саков вели дека до 9 септември ќе има информација кога тие ќе бидат доставени до продавниците, со цел родителите да може да ги набават најдоцна 15 септември.
Т.К.