Покрај обновувањето на охридската пастрмката Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ја засилува заштитата и на јагулата, која е критично загрозен вид, рече при денешната посета на Хидробиолошкиот институт во Охрид, министерот Борче Серафимовски.
Нејзиното зачувување го поставуваме како институционален приоритет. Владата за првпат усвои Национален план за управување со јагула. Со него предвидуваме пуштање на подмладок на јагули и безбеден транспорт на сребрени јагули што заминуваат кон морето. Конкретно, предвидено е 40% од утврдената годишна квота за лов на традиционалната рибарска замка Далјан на Црн Дрим кај Струга да бидат пренесени кон морската средина. На тој начин ќе може да го продолжат патот кон Саргасовото море, избегнувајќи го минувањето низ турбините на хидроцентралите кои ги има по течението на Црн Дрим, посочи министерот.
Спроведувањето на овие активности и следење на нивните ефекти ќе се одвива преку Хидробиолошкиот институт со институционална поддршка од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Хидробиолошкиот институт активно учествуваше во изготвување на Националната стратегија за управување со јагулата и во таа стратегија стои дека треба сериозен пристап, да се избегне купување, набавување подмладок од јагула, можеби некогаш и со сомнително потекло, јагула којашто не знаеме колку долго и дали поминала карантин. И од тие причини се залагаме за асистиран транспорт, буквално транспорт на возрасни женки, меѓутоа и на подмладок којшто би го ловели и враќале во Охридското Езеро, истакна директорката на Хидробиолошкиот институт во Охрид, Орхидеја Тасеска.
Потенцираше дека потребен е сериозен пристап, ангажирање на релевантни институции, за да се прецизира процесот, како и истиот да е поддржан не само со националната легислатива, туку и со европската.
Н.С.Ј.
фото. А. Момироска













