Покрај обновувањето на охридската пастрмката Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ја засилува заштитата и на јагулата, која е критично загрозен вид, рече при денешната посета на Хидробиолошкиот институт во Охрид, министерот Борче Серафимовски.

​Нејзиното зачувување го поставуваме како институционален приоритет. ​Владата за првпат усвои Национален план за управување со јагула. ​Со него предвидуваме пуштање на подмладок на јагули и безбеден транспорт на сребрени јагули што заминуваат кон морето. ​Конкретно, предвидено е 40% од утврдената годишна квота за лов на традиционалната рибарска замка Далјан на Црн Дрим кај Струга да бидат пренесени кон морската средина. ​На тој начин ќе може да го продолжат патот кон Саргасовото море, избегнувајќи го минувањето низ турбините на хидроцентралите кои ги има по течението на Црн Дрим, посочи министерот.

​Спроведувањето на овие активности и следење на нивните ефекти ќе се одвива преку Хидробиолошкиот институт со институционална поддршка од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Хидробиолошкиот институт активно учествуваше во изготвување на Националната стратегија за управување со јагулата и во таа стратегија стои дека треба сериозен пристап, да се избегне купување, набавување подмладок од јагула, можеби некогаш и со сомнително потекло, јагула којашто не знаеме колку долго и дали поминала карантин. И од тие причини се залагаме за асистиран транспорт, буквално транспорт на возрасни женки, меѓутоа и на подмладок којшто би го ловели и враќале во Охридското Езеро, истакна директорката на Хидробиолошкиот институт во Охрид, Орхидеја Тасеска.

Потенцираше дека потребен е сериозен пристап, ангажирање на релевантни институции, за да се прецизира процесот, како и истиот да е поддржан не само со националната легислатива, туку и со европската.

Н.С.Ј.

фото. А. Момироска